1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСУ-процес: Турција го зголемува притисокот врз Германија

ЖА/дв/дпа/ртре31 март 2013

Претстојниот судски процес против неонацистичката терористка Беате Чепе се‘ повеќе станува политика. Турскиот министер за надворешни работи интервенира кај германскиот колега за место за турските медиуми во судската сала

https://p.dw.com/p/187QC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се работи за спектакуларна судска постапка, но само 50 новинари добија обезбедено место во судската сала во Минхен, каде ќе се одржи процесот против обвинетата неонацистичка терористка Беате Чепе и четворица осомничени помагачи на десно-радикалната група „Националсоцијалистичко подземје“.

Меѓу акредитираните новинари нема ниту еден претставник од Турција, иако осуммина од жртвите во серијата убиства имаа турско потекло.

Начинот на распределба на местата за медиумите минативе денови предизвика огорчување и протести против Вишиот покраински суд во Минхен не само во Анкара, туку и кај германските политичари. Судот и натаму одбива преместување на процесот во друга судска сала или негов видео-пренос.

Турскиот министер Давутоглу посегна по телефонот

Турската влада не дозволува работите да останат на сегашната позиција. Германското министерство за надворешни работи во Берлин денеска потврди-шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу (на фотографијата горе) телефонски интервенирал за случајот кај својот германски колега по функција, Гидо Вестервеле. Давутоглу притоа го пренесол „очекувањето на турската влада“ на процесот во Минхен да добијат можност како набљудувачи да присуствуваат претставници на турските медиуми и на турската држава.

Bundesanwalt ermittelt zu Polizistenmord und NSU-Morden
Жртвите на нацистичката тројка од ЦвикауФотографија: picture-alliance/dpa

Независност на судството

Германскиот министер Гидо Вестервеле има разбирање за желбата на својот турски колега, но укажува на правната независност на судството, пренесуваат од Министерството во Берлин. Двајцата министри биле едногласни во очекувањата судскиот процес да биде транспарентен и праведен. Тоа е „важен придонес за повторно да се врати загубената доверба во Турција и меѓу луѓето со турско потекло во Германија“.

Судот во Минхен ги доделил акредитациите на новинарите според редоследот на пристигнувањето на барањата. Притоа, најголем дел од странските новинари „извисија“. Исто така и турскиот амбасадор во Германија, Хусеин Авни Карслиоглу, не доби резервирано место во судницата. Тој и покрај тоа најави дека ќе одлета за Минхен на почетокот на судскиот процес на 17. април.

Терористичката група „Националсоцијалистичко подземје“, откриена во 2011. година, се товари за серија убиства низ цела Германија. Жртвите беа осум турски мигранти, еден со грчко потекло и една жена-полицаец.