1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА работи на создавање супер-компјутер

ЕМФ/дв3 јануари 2014

Американската тајна служба работи на супер-компјутер со чија помош би можеле да се „пробијат“ и високо заштитените мрежи ширум светот, пишува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на документи на Едвард Сноуден.

https://p.dw.com/p/1Akh4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Националната безбедносна агенција (НСА), според информации објавени во онлајн изданието на „Вашингтон пост“, работи на создавање на квантен компјутер, кој би бил во состојба да ги дешифрира речиси сите кодови за заштита. „Вашингтон пост“ се повикува на документи на поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден.

Според весникот, НСА со супер-компјутерот сака да си обезбеди широк пристап до банкарски, здравствени, владини и економски мрежи. Развојот на ваквиот компјутер е дел од истражувачката програма „Влез во цврсти цели“, тешка околу 80 милиони долари. Детали за програмата, пред се‘ за тоа до каде е стигнато со неа, не се познати.

Квантен компјутер важи за многу посилен и побрз од нормален дигитален компјутер. НСА во развојот на ваков компјутер е во трка „рамо до рамо“ со истражувачки проекти поддржани од ЕУ и од Швајцарија, се вели во извештајот на „Вашингтон пост“.

Во меѓувреме, весниците „Њујорк Тајмс“ и „Гардијан“ од американската влада бараат помилување на Сноуден, кој во моментов има руски азил. Тие во централни текстови бараат од Белата куќа да му овозможи безбедно враќање дома на компјутерскиот специјалист. За своите „енормно вредни“ откритија Сноуден заслужи повеќе од тоа да живее трајно во егзил, се вели во весниците.

Иднината на Сноуден, кој во Русија се наоѓа од јули 2013 година, е се‘ уште неизвесна. Неговиот азил истекува летово. На почетокот на ноември САД го отфрлија барањето на Сноуден за помилување. Тој треба да биде изведен пред суд, а доколку биде осуден му се заканува долгогодишна затворска казна.