1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070411 Japan AKW Minamisoma

10 април 2011

Дел од жителите на градот Минамисома, 25 километри од хаварисаната нуклеарка Фукушима 1 во Јапонија, полека почнаа да се враќаат во забранетата зона. Иако сакаат да започнат со нормален живот, тоа се` уште не е можно.

https://p.dw.com/p/10pK7
Фотографија: DW

„Прво побегнав кај моите роднини. Но, што да правам таму, кога немам работа“, вели жителка на Минамисома.

Околу дваесет жители на градот прибежиште најдоа во старото училиште.

„Откако побегнав во Коријама, веќе не добив никакви информации за ситуацијата во областа. Многу бев загрижен и затоа се вратив. Можеби е точно дека е опасно да се биде тука. Меѓутоа, немам веќе пари за ништо. Во прифатилиштето барем добивам оброк трипати дневно.“

Овој човек поседува салон за акупунктура во контаминираната зона околу атомската централа. Таму се` уште се наоѓаат неговата книшка од банка и други важни документи, меѓутоа забрането е да се влегува во таа област.

„Ја замолив владата да ја разгледа ситуацијата и уште еднаш да ја преиспита забраната за напуштање на домовите. Многу луѓе се вратија во регионот и сакаат да продолжат нормално да живеат, меѓутоа има многу малку супермаркети и банки, кои се отворени. И снабдувањето на градот се` уште не е стабилизирано, така што не можеме да почнеме со расчистувањето и обновувањето“, вели градоначалникот на Минамисома, Катсунобу Сакураи.

Flash-Galerie Japan Erdbeben Atomkrise Vermisste 07.03.2011
Сите погледи вперени кон ФукушимаФотографија: AP

Се` зависи од нуклеарката Фукушима


Тој нема убави зборови, ниту за фирмата-управител со атомската централа, ТЕПКО, ниту, пак, за централната власт. По издавањето на наредбата за ненапуштање на домовите, поради стравот од радијација, градот Минамисома престана да биде снабдуван со основните прехранбени производи. Дури откако Сакураи преку медиумите укажа на проблемот, ситуацијата се подобри. Меѓутоа и натаму мора да се импровизира.

„Не можеме да одиме во нашите училишта. Затоа мораме да ги здружиме силите и заедно да издржиме“, велат јапонските ученици.

Во средата во училиштата низ Јапонија се одржа манифестацијата за приемот на првооделенците. Во префектурата Фукушима четири училишта мораа да бидат споени, а наставата се одржува во зградата на градската управа. Уште колку долго ќе траат таквите импровизации, ќе зависи од тоа кога ќе се стабилизира состојбата во хаварисаната атомска централа. Тоа може да трае и со недели, а не се исклучени ниту нови инциденти.

Автор: Петер Кујат/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска