1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка се обидува да се врати во нормала

27 јули 2011

Првиот норвешки министер денеска ќе се врати на работа во уништената зграда во центарот на Осло, во симболичен обид на враќање во нормала по минатонеделниот масакр.

https://p.dw.com/p/124hi
Norwegian Primeminister Jens Stoltenberg addresses the media Saturday July 23, 2011. Stoltenberg cautioned that it was too soon to know the motive for the Friday attacks. (Foto:Aleksander Andersen - Scanpix/AP/dapd) NORWAY OUT
Премиерот Јенс ШтолтенбергФотографија: dapd

Министерката за администрација Ригмор Асруд ќе биде првиот член на норвешката Влада која денеска ќе се врати на своето работно место, во полуразурнатата зграда во центарот на Осло. Симболичниот гест е најава за постепено враќање на земјата во нормала по ужасната трагедија од минатиот петок, кога Андерс Беринг Бреивик масакрираше 76 луѓе и ја трауматизираше земјата.

Премиерот Јенс Столтенберг и понатаму ќе остане да работи во зградата на министерството за одбрана, која е на другата страна на Осло, додека владините седници ќе се одржуваат во средновековен замок на периферијата на градот. Властите се уште не одлучиле дали 17-катната зграда на премиерот, која беше речиси уништена во експлозијата, ќе биде реновирана или урната.

Verletzte bei Explosion in Regierungsviertel in Oslo TV-BILDER
Владиниот кварт во Осло и натаму е во урнатиниФотографија: dapd

Бреивик не е луд туку зол и пресметлив вели полицијата

Адвокатот на убиецот Бреивик оцени дека неговиот клиент е луд, но не може да процени дали така ќе се изјасни и за време на судењето.

„Целиот случај укажува дека тој е луд. Тој верува дека е во војна веќе 6 години“, изјави адвокатот Геир Липестад. Тој рече дека се’ уште не разговарал за одбранбената стратегија со својот клиент, но ќе се откаже од случајот доколку Бреивик одбие да му бидат извршени психолошки тестови.

Норвешката полицијата ги отфрли тврдењата дека масовниот убиец е луд. Висок полициски функционер оцени дека Бреивик е „пресметлив и зол“ човек. Оттаму ги отфрлија и тврдењата на Бреивик дека и припаѓал на радикална мрежа која имала две ќелии во Норвешка и уште неколку во странство. Полицијата тврди дека тој делувал сам.

Norwegen Attentat Anwalt Geir Lippestad
Гери Липестад, адвокат на одбраната на Андерс Беринг БреивикФотографија: Scanpix Norway/Berit Roald/dapd

Оружје складирано на фарма

Инаку Бреивик, по апсењето, инсистираше на Липестад како негов бранител. Адвокатот е член на Лабуристичката партија, против која Бреивик и ја води својата замислена војна. Оваа партија го организираше и младинскиот камп на островот Утоја каде Бреивик го изврши масакрот.

Полицијата синоќа пронашла и уништила дополнителни залихи експлозив кои Бреивик ги чувал на изнајмена фарма, северно од Осло. Според норвешките медиуми, тој ја изнајмил фармата за да не предизвика сомневање при изработката на бомбата.

Автор: Борис Георгиевски/ројтерс/афп

Редактор: Симе Недевски