1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов удар против „Златна зора“

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска21 февруари 2014

Грчкото судство бара укинување на имунитетот на сите пратеници од неонацистичката партија „Златна зора“ во Парламентот, кои досега беа поштедени од кривичната истрага.

https://p.dw.com/p/1BDIW
Фотографија: ap

Барањето за укинување на имунитетот, кое најверојатно ќе биде одобрено, надлежните од истрагата го доставиле вчера (20.02.2014) во грчкиот парламент. Во визирот на судството се наоѓаат уште девет претставници на десноекстремистичката партија, која во Парламентот е застапена со 18 пратеници. Против втората половина од пратениците веќе со месеци се води истрага. Повод за нејзин почеток беше убиството на музичар и левичарски активист во септември 2013. година. Откако стана познато дека осомничениот убиец е член на „Златна зора“, беа уапсени и шефот на партијата, Никос Михалолиакос, портпаролот Илијас Касидиарис, Христос Папас и петмина други челници на грчките неонацисти.

Обвинението против нив гласи - здружување во криминална организација. Истрагата се води со полна пареа, но не без изненадувања: во октомври Касидиарис и двајца негови сопартијци со кауција беа пуштени на слобода до судското рочиште. Коментаторите тоа го оценија за контраудар во борбата против десниот екстремизам. Но, сега судството задава нов удар, вели судската репортерка Јоана Мандроу за ТВ Скај:

„Деветте пратеници од оваа партија, кои досега беа поштедени, сега исто така треба да одговараат за учество во криминално здружение. Но, тоа не е се‘: и пратениците кои веќе се уапсени или се на слобода со кауција, ќе бидат соочени со дополнителни обвиненија. Тие ќе треба да одговараат за илегално поседување оружје и различни помали кривични дела. Се‘ на се‘, сега целата пратеничка група на партијата е под кривично обвинение“, објаснува Мандроу.

Европските избори со неизвесност

На парламентарните избори во 2012. година „Златна зора“ успеа да освои седум проценти од гласовите и за првпат влезе во Парламентот. Според прогнозите, партијата моментно котира како трета политичка сила во земјата и на претстојните избори за европскиот парламент може да се надева на влез и во Европскиот парламент. Политичарите од оваа партија се исклучително ангажирани и околу комуналните избори, кои се одржуваат паралелно со европските. Партискиот шеф Касидиарис веќе ја најави својата кандидатура за градоначалник на престолнината Атина, неговиот партиски колега Никос Куцилос се кандидираше за Советот на Пиреја, тврдина на „Златна зора“.

Но, поради тековната истрага, кандидатите на десничарската партија сега можат да бидат исклучени од изборите, смета Јоана Мандроу. Законот, навистина, не предвидува стриктно забрана за избор на обвинети пратеници, но Врховниот суд на Грција во даден момент мора да реши кој може да учествува на избори, а кој не. Дека одлуката ќе биде во полза на „Златна зора“, тешко е да се поверува, со оглед на тековната истрага, смета судската репортерка.

Griechenland Prozess Neonazi-Partei Goldene Morgenröte Nikos Michaloliakos
Лидерот на „Златна зора“ беше уапсенФотографија: picture-alliance/dpa

Десните екстремисти пак благовремено формираа нова партија, за да можат да учествуваат на европските избори: во случај на забрана на „Златна зора“, на изборите ќе учествува нова група под името „Национална златна зора“, и ќе им понуди политичка алтернатива на „патриотите“, како што соопшти партискиот портпарол Касидиарис на крајот на јануари на собир на околу 3 илјади членови во Атина.

Десните екстремисти фантазираат за власт

Касидиарис дури е уверен дека на партијата и‘ претстои голема иднина, тој постојано се повикува на наводни тајни анкети, кои недвојбено ја покажуваат позицијата на „Златна зора“ како најголема политичка сила во Грција. Тој ги обвинува „надживеаните“ партии и медиумите за желба да ја заташкаат и сокријат оваа „вистина“.

Уште во октомври лани грчкиот премиер Андонис Самарас изрази задоволство од бранот апсења во врвот на неонацистичката партија и при една посета во САД изјави дека ќе ги смачка десните радикали. Конзервативниот премиер сега е видно воздржан. Зад тоа се крие тактика, претпоставува судската репортерка Лора Јоану во ТВ Алфа:

„Владата веројатно не сака една чисто правна работа да се појави како политички повик на борба. Тоа може да и‘ носи поени на ’Златна зора’, која уште денес се внесува во улогата на политички прогонувани луѓе“, вели атинската новинарка.