1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов тунел под Босфорот ќе ги поврзува Европа и Азија

Б. Георгиевски/ап29 октомври 2013

Турција денеска (29.10) свечено ќе го пушти во употреба железничкиот тунел кој ќе биде нова поврзница меѓу европскиот и азискиот континент

https://p.dw.com/p/1A7c7
Фотографија: STR/AFP/Getty Images

Тунелот е еден од бројните инфраструктурни проекти на владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган кои помогнаа да се подигне економијата, но и кои доведоа до бројни протести.

Тунелот е со должина од 13,6 километри, од кои делница од 1,4 километри ќе минува под Босфорот, кој го дели Истанбул на европски и азиски дел. Турските претставници велат дека со длабочина од 55 метри тој ќе биде најдлабокиот железнички тунел од овој вид во светот.

Властите се надеваат дека тунелот ќе опслужува 1,5 милиони патници дневно и ќе го релаксира сообраќајот во Истанбул, особено преку двата моста кои ги поврзуваат двата дела од градот.

Проектот започна во 2005. година и требаше да трае четири години, но беше забавен поради важни археолошки пронајдоци, меѓу нив и византиско пристаниште од 4. век, кое беше пронајдено под градот. Ердоган честопати го критикуваше стопирањето на изградбата поради археолошките пронајдоци. Во една пригода тој коментираше дека археолошките ископувања не можат да бидат поважни од луѓето кои денес живеат во Истанбул.

Критичарите стравуваат дека тунелот би можел да биде чувствителен на земјотреси поради трусното подрачје, но министерот за транспорт Бинали Јилдирим вели дека тој е проектиран да издржи земјотрес од 9,0 степени и е најсигурното место во градот.

Türkei Arbeiten am Transkontinental-Tunnel
Фотографија: STR/AFP/Getty Images

Оригиналните планови за изградба на тунел под Босфорот потекнуваат од пред 150 години и ги предложил турскиот султан Абдулмеџид. Неговиот наследник Абдул Хамид повикал и архитекти на конкурс во 1891 година, но планот не се материјализирал.

Тунелот е само еден во редицата амбициозни планови на владата на Ердоган. Се предвидува изградба и на уште еден, паралелен тунел под Босфорот, по кој би сообраќале возила, изградба на уште еден мост, како и изградба на најголемиот аеродром во светот.

На свеченоста по повод отворањето на тунелот предвидено е да присуствува и јапонскиот премиер Шинзо Абе, откако Јапонската банка за меѓународна соработка го помогна проектот со кредит од една милијарда евра.