1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов севернокорејски ракетен тест?

ЖА/дв/дпа/ртре/миа6 април 2013

Северна Кореја врши провокација по провокација. Откако Пјонгјанг им препорача на странските амбасади евакуација, сега се закани и со нов ракетен тест. САД не реагираат возбудено.

https://p.dw.com/p/18AtF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската влада внимателно ги следи извештаите за подготовките, изјави синоќа (05.04) портпаролот на Белата куќа Џеј Карни. Евентуалното истрелување на ракета од страна на Северна Кореја нема да претставува изненадување за Вашингтон:

„Нема да бидеме изненадени, доколку тие постапат на таков начин“, истакна Карни.

Оваа изјава следува по веста дека Северна Кореја веќе ја распоредила втората ракета со среден дострел долж источното крајбрежје. Пјонгјанг вчера предупреди дека во случај на судир, по 10 април нема да може да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии.

Двете распоредени ракети со среден дострел, наречени Мусудан, беа претставени за првпат на воената парада во октомври 2010 година. Теоретски тие можат да достигнат цели на три илјади километри, односно во Јужна Кореја или Јапонија, но и до четири илјади километри, на пример до пацифичкиот остров Гуам, каде се распоредени шест илјади американски војници.

Американски шпионски авион во Јапонија

Американската армија во меѓувреме најави дека ќе постави шпионски беспилотен авион во една од своите бази во Јапонија, со цел да го зајакне набљудувањето на Северна Кореја. Еден „Глобал хок“ ќе биде испратен во воено воздухопловната база Мисава, во северниот дел на Јапонија, што е првпат ваков вид на авион да биде поставен на архипелагот, пишува јапонскиот весник „Санкеј шимбун“.

Војската на САД ја информирала Јапонија минатиот месец за своите планови да испрати ваков авион во периодот меѓу јуни и септември, но плановите биле забрзани поради активностите на Северна Кореја, која се‘ повеќе им се заканува на соседите и САД.

Nordkorea erklärt Kriegszustand
Кој ќе биде следниот потег на Ким Јонг Ун?Фотографија: picture-alliance/dpa

Предупредување до странските амбасади

Пјонгјанг вчера побара од странските амбасади да бидат евакуирани, зашто по 10. април не може да ја гарантира нивната безбедност.

Земјите од Европската унија најавија дека ќе ја разгледаат можноста за евакуирање од Пјонгјанг на дел од својот персонал, но засега не планираат да ги затворат своите амбасади, изјави европски дипломатски извор.

„Амбасадите на земјите на ЕУ во Пјонгјанг секојдневно ќе ги координираат активностите и ќе разменуваат информации“, додаде тој.

Седум држави имаат дипломатски мисии во Пјонгјанг - Германија, Велика Британија, Шведска, Полска, Чешка, Бугарија и Романија.

Аналитичарите не ја исклучуваат можноста комунистичкиот режим да истрела ракети на 15. април, 101-от роденден на основачот на државата, Ким Ил Сунг, дедото на сегашниот властодржец Ким Јонг Ун.

Иран има разбирање, Кастро не

Северна Кореја добива поддршка од Иран, кој исто така е под притисок на Западот поради својата атомска програма. Пјонгјанг нема друг избор освен да се брани, со оглед на воинствената политика на САД, изјави вчера заменикот шеф на иранската армија Масуд Јазауери.

Екс-шефот на кубанската држава Фидел Кастро пак, вчера ја објави својата прва статија по деветмесечното молчење, во која повикува на воздржаност на Корејскиот Полуостров. Во кусиот коментар во неговата рубрика „Размислувања“, поранешниот кубански лидер се осврна на тешките последици од евентуалната нуклеарна војна, која може да се прошири од Азија насекаде низ светот. Тој нагласува дека Куба сепак ја поддржуваСеверна Кореја и оти ќе продолжи да и‘ биде сојузник, но го повика Пјонгјанг да размисли за интересите на своите пријатели. Според Кастро, во моментов постои еден од најсериозните ризици за почеток на нуклеарна војна по Карипската криза во 1962 година.