1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов пакет помош за Грција?

АТ/ ртр/ дпа21 август 2013

На Грција ќе и‘ биде потребна натамошна финансиска помош од нејзините европски партнери. Германската влада досега не се произнесуваше за трет пакет помош, но сега проговори министерот за финансии.

https://p.dw.com/p/19ToB
Фотографија: Reuters

Речиси еден месец пред парламентарните избори во Германија, министерот за финансии Волфганг Шојбле (на насловната фотографија) е првиот германски владин политичар кој отворено призна дека на Грција ќе ѝ биде потребна финансиска помош од меѓународните партнери и по 2014 година.

„За Грција ќе мора да има уште една програма“, рече Шојбле вчера (20.08) на една предизборна манифестација на христијанските демократи во Аренсбург, крај Хамбург. Досега германската влада не се произнесуваше околу тоа како Грција би се финансирала по истекот на втората програма за помош на крајот на 2014 година. Од грчкото министерство за финансии се вели дека до 2016 година ќе бидат потребни многу помалку кредити отколку за досегашните програми.

Германската канцеларка Ангела Меркел во меѓувреме се произнесе многу повоздржано отколку Шојбле: „Во еврозоната секогаш велевме, дека состојбата во Грција ќе ја евалуираме одново на крајот на 2014 или на почетокот на 2015 година. Разумно е да се следи овој план“, рече Меркел за „Рур нахрихтен“.

Ништо ново?

Уште на 12. август портпарол на Министерството за финансии во Берлин нагласи дека нема повод за да се размислува за натамошни финансиски олеснувања за Грција. Според медиумски извештаи, меѓутоа, и германската централна банка, Бундесбанката, очекува трет пакет за помош за Грција по парламентарните избори на 22. септември. За тоа би се одлучувало на почетокот на 2014 година. Исто така голем број германски економисти, како и ММФ, прогнозираат натамошна помош на Европејците за Атина.

Шојбле, при неговиот настап нагласи дека неопходноста за натамошна помош не е ништо ново. „Тоа секогаш беше кажано во јавноста“. Факт е дека министерот во минатото сметаше дека е можно да има трет пакет помош за Грија, но во никој случај не како нужен.

Опозиционите партии СПД и Зелените оценија дека јавното признание на Шојбле одамна беше неопходно. Приска Хинц од редовите на Зелените, за агенцијата Ројтерс подвлече: „Министерот за финансии го прекрши следното самосоздадено табу“. По изборите Шојбле постепено ќе се согласел и на второ бришење на долговите на Грција.

Според еден извештај на весникот „Зиддојче цајтунг“, можната трета програма помош за Грција ќе биде со значително помал обем, отколку првите два пакета. Исто така барањата за реформи ќе бидат помалку строги, со оглед на тоа што земјaта почна со спроведување на голем дел од неопходните промени, пишува весникот повикувајќи се на информации од владини кругови.

Освен ова, се разгледувала и можноста дали еден дел од евентуалниот пакет по 2014 година да биде финансиран преку буџетот на ЕУ. Со дополнителни средства од структурниот фонд на ЕУ Атина би можела да го поттикне стопанството и истовремено средствата од грчкиот буџет ќе можат да се искористат за намалување на долговите.