1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов гигант на небото

ЕМФ/дв14 февруари 2013

Американ Ерлајнс и УС Ервејс имаат намера да се спојат во најголема авиокомпанија на светот. Фузијата на Американ Ерлајнс и УС Ервејс беше објавена денеска (14.02). Компанијата ќе работи под името Американ Ерлајнс.

https://p.dw.com/p/17doy
Фотографија: AP

Американ Ерлајнс, според бројот на патници, сега е трета по големина авиокомпанија во САД, додека УС Ервејс е на петто место. Сега заедно сакаат да застанат на челната позиција во светот. Обртот на средства по фузионирањето би изнесувал околу 39 милијарди долари, а новата авиокомпанија би располагала со повеќе од 1500 авиони и би можела да понуди дневно околу 6400 летови.

Во новата авиокомпанија Американ Ерлајнс би имала удел од 72%, додека УС Ервејс би имала 28%. Затоа пак, шеф на концернот ќе стане сегашниот шеф на УС Ервејс, Даг Паркер.

„Вол Стрит Журнал“ пишува дека Американ Ерлајнс ќе ја искористи фузијата за да се спаси од несолвентноста. Весникот наведува дека спојувањето ќе им овозможи на доверителите да спасат добар дел од своите пари. Речиси сите големи американски авиокомпании во текот на изминатите години минаа низ процеси за несолвентност и мораа да ги кратат своите трошоци, пред се‘ во делот на персоналот. И во Американ Ерлајнс се скратени голем број работни места.