1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов бран на антијапонски демонстрации во повеќе кинески градови

16 април 2005

Десетина илјади луѓе протестираат во Шангај, каде се регистрирани и насилства пред јапонскиот генерален конзулат, како и при минатонеделните протести во Пекинг. Синоќа во вестите беше повторено предпредувањето од властите до населението да не учествува во протести што не биле одобрени од владата. И покрај тоа во Хангжу, Шангај и други градови луѓето излегоа на улиците.

https://p.dw.com/p/AcG6
Јапонски војници во Кина во Втората светска војна
Јапонски војници во Кина во Втората светска војнаФотографија: AP

„Бојоктирајте ја јапонската стока, сакајте ја Кина“, „Долу Коизуми“, Јапонци, одете по ѓаволите“ – скандираа демонстрантите. Еден од нив вака го образложи својот протест: „Јас сум сосем обичен Кинез. Сметам дека Јапонија не ги исполни очекувањата на Кина и на други азиски земји, кога и натаму одбива да ги преоцени воените злосторства во Кина за време на Втората светска војна“.

Демонстрантите истовремено протестираат и против желбата на Јапонија да добие постојано место во Советот за безбедност на ОН, како и против јапонските територијални апсирации во Источното кинеско море. Одбојноста на Кинезите спрема Јапонија е длабоко всадена - многумина во своето семејство почувствуваа колку сурово беснееја тогаш окупаторите во Кина.

Од рано изутрината повеќе илјади полицајци се во акција во Шангај. Досега тие успеваат да ги држат протестите под контрола. Полицајците не интервенираа кога демонстрантите фрлаа јајца, пластични шишиња и камења кон јапонски ресторанти и продавници. Нивна задача очигледно е да спречат насилен пробив во јапонскиот генерален конзулат. Покрај полицијата, конзулатот го чуваат и стотици тешко вооружено војници.

Во последните денови на веб-страниците се појавија многубројни повици за учество на демонстрациите, но цензори денеска веднаш ги бришат актуелните извештаи за протестите. Наспроти ова, пак, државната агенција Хсинхуа не ги премолчи денешните демонстрации како оние пред една недела и јави дека протестите во Шангај „започнале спонтано од студентите“. Според сведоци, студенти и ученици речиси и нема меѓу демонстрантите, по предупредувањата во училиштата и на универзитетите во изминатите денови против учество во протестите.

Демонстрации се очекуваат и утре во Гвангжу и други градови. Тие се закануваат да ја засенат утрешната посета на јапонскиот министер за надворешни работи Нобутака Мачимура, кој во Пекинг ќе разговара со кинескиот колега по функција Ли Жаошинг во барање пат за излез од дипломатската криза. Плоштадот Тјенанмен е обезбеден со големо присуство на безбедносни сили, а строги мерки за безбедност се преземени и кај јапонската амбасада. Пекиншките власти изрично предупредија против неодобрени протести во главниот град.