230811 Porträt Mustafa Dschalil
25 август 2011Сегашниот претседател на Преодниот национален совет долго беше адвокат и судија во Триполи, додека во 2007 година Гадафи не го избра за министер за правосудство. Но, Џалил не се покажа како верен следбеник на режимот на Моамер Гадафи и како личност подготвена да молчи.
Така, во интервјуто кое го даде во 2009 година, на прашањето дали е вистина дека во злогласниот затвор Абу Салим навистина има повеќе од 300 затвореници без никаква пресуда и без никаква правна основа, едноставно одговори - да. Таквото признание на министерот за правосудство беше очигледен знак за несогласување со таквата политика, а во подоцнежните изјави тоа тој уште посилно го потенцираше: призна дека тие луѓе не само што се затворени без причина, туку им се ускратени основните човекови права. Изјави дека веднаш мора да бидат пуштени на слобода, но како што се чу на државната телевизија во 2010 година, додека се обраќаше пред парламентот, во тоа го спречува државниот апарат. Затоа, изјави Џали, тој ќе ја напушти својата функција.
Независен дух во либиската влада
Но, Моамер Гадафи го одби неговото барање за оставка, иако не ги пушти ниту затворениците на слобода. Министерот оттогаш не бараше отворен судир со властродржецот, иако „Амнести Интернешнл“ го оцени за „независен дух во либиската влада“. Големиот момент дојде во февруари 2011 година, кога силите на Гадафи во Бенгази отворија оган врз мирните демонстранти. На Мустафа Џалил тоа му беше повод да ја напушти владата и да се придружи на бунтовниците во Бенгази. Токму тој се согласи за основање Преоден национален совет и оттогаш неуморно укажува дека Гадафи, според негово искуство, е подготвен навистина на се‘:
„Се разбира дека ни‘ е познат моралот и однесувањето на Гадафи. Нему не му се важни Либија и Либијците. Во неговите последни мигови е подготвен на се‘- и да го запали Триполи, да ги отвори залихите бојни отрови, или да изврши какво било злосторство само за да остане на власт, на се‘ сме подготвени“, изјави Џалил.
Прием кај Саркози
Џалил беше тој кој побара прием кај францускиот претседател Никола Саркози и од Западот побара воена подршка од воздух, оттогаш е се‘ почест гостин кај западните државници и светските медиуми. Тоа посебно се покажа при неговата посета на Франција, каде Саркози го прими со сите државни почести кои припаѓаат на челник на држава, што пак беше знак дека Франција не го признава веќе Гадафи.
Дали народот на Либија ќе го избере Џалил за свој водач, тешко е да се каже, но не е случајно што правникот Националниот совет го нарече „преоден“. Своите соборци неуморно ги предупредува на легитимност, па дури и во случај на апсење на Гадафи потенцира дека и нему му следува фер-судење:
„Се надеваме дека Гадафи ќе го фатиме жив, за на тиранинот да му организираме процес пред очите на целиот свет.“
Џалил исто така предупредува - моментот на победата во никој случај не е момент за одмазда против следбениците на Гадафи, без разлика на злосторствата кои ги извршиле. Во спротивно, се заканува со свое повлекување.
Автор: Матијас фон Хелфелд / Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска