Нови ѕвезди и разочарувања
29 декември 2008Првата недела од Олимписките игри во Пекинг ќе остане во сеќавање пред се' поради едно име: Мајкл Фелпс. Американскиот пливач изненади со нов олимписки рекорд. Осумпати освои златен медал, еден повеќе од неговиот легендарен сонародник Марк Шпиц на Олимписките игри во Минхен во 1972 година. Меѓутоа, тој не сакаше да се споредува со него:
„Јас сакам да бидам првиот Мајкл Фелпс, а не вториот Марк Шпиц. Во никој случај не сакам да го потценам. Јас само се обидов да направам нешто што никој пред тоа не успеал“.
Седум од неговите олимписки победи Фелпс ги оствари со нови светски рекорди. Притоа, ѕвездата остана скромна, констатира поранешната исклучителна германска пливачка Франциска ван Алмзик:
„Тој е пријатен тип, многу симпатичен. И на крајот, се забележуваше дека сите му се радуваа, бидејќи тој не е арогантен, ниту ’соли ум’“.
Триумф на Усаин Болт
Втората недела во Пекинг беше во знакот на атлетиката, а со тоа и во знакот на спринтерот од Јамајка, Усаин Болт.
Болт освои три злата, на сто и двесте метри и во штафетата четири пати по сто метри и сите со нови светски рекорди. Оттаму се појавија многу прашања, не само кај рано отпишаниот германски спринтер Тобијас Унгер:
„Не е ново што тие немаат сопствена антидопинг агенција, па затоа јас би побарал малку поголема рамноправност“.
Мајкл Фелпс и Усаин Болт, ѕвездите на Олимписките игри, беа повеќепати тестирани на забранети супстанции и сите тестови беа негативни.
Како победник на игрите можеше да се чувствува и домаќинот. Кина освои 51 златен медал и со вкупно сто освоени одличја го зазеде првото место на табелата медали, пред САД, кои, всушност, освоија 110 медали, но помалку златни од Кина.
И Германците имаа успеси
И германскиот олимписки тим имаше свои јунаци. Јавачот во повеќебој, Хинрих Ромајке, пред игрите сигурно познат само во тесен круг, освои злато во поединечна и во екипна конкуренција. Пливачката Брита Штефен, која со двата златни медала ја спречи тоталната мизерија на германските пливачи, беше пресреќна:
„Ова е сон, едноставно не можам да сфатам дека сега тоа е вистина. Кога погледнав на семафорот, а таму стоеше - еден, јас без возбудена и среќна“.
Двојната победа на Брита Штефен, сепак не можеше да ги скрие очигледните слабости на другите пливачи. И Франциска ван Алмзик искажа загриженост за постигнувањата на Германците:
„Нивните времиња се невозможни. Станува збор за големи разлики. И покрај многуте метри во вода, сепак ова не може да се објасни. Сигурно не во натпреварувачите. Да можеа да пливаат побргу, сигурно ќе го направеа тоа“.
Меѓутоа, не можеа и беа на истото рамниште со вториот најпопуларен олимписки спорт – атлетиката. Тие мораа да се задоволат со единствениот бронзен медал на фрлачката на копје Кристина Обергфел и се вратија дома со најлошиот олимписки биланс во последните сто години.
Така, поединци од германскиот олимписки тим мораа да ги вадат костените од огнот. Мечувалката Брита Хајдеман ја оправда улогата на фаворит и освои злато:
За многумина беше изненадување Бенјамин Клајбрик, кој стана олимписки победник во флорет и беше одушевен:
„Супер е да се биде олимписки победник“.
Не реагираа поразлично ни другите германски олимписки победници, кои само ретко се наоѓаат во фокусот на јавноста. Оле Бишоф во џудо, кануистот на диви води Александер Грим, натпреварувачот во трибој Јан Фродено или петобојката Лена Шенеборн.
Емоционален настап
Особено емоционално впечатлива беше победата на кревачот на тегови Матијас Штајнер, кој својот златен медал и’ го посвети на својата прерано почината сопруга:
„Се случи и сето беше емотивно, одлично. Ќе ми беше подраго да беше тука и да го доживееше ова. Но, сигурен сум дека гледа се’“.
Имаше и неуспеси што не беа разочарувачки. Пингпонгарската екипа во машка конкуренција со нивната ѕвезда Тимо Бол освои сребро.
Но, имаше неуспеси што болеа. За гимнастичарот Фабијан Хамбихен цел беше само златото, на крајот мораше да се задоволи со бронзата во неговата главна дисциплина – вратило:
„Моментално имам само празнина во главата и во срцето. Се’ е малку тешко и компликувано“.
Вкус на горчина
Германците освоија вкупно 41 медал, од тоа 16 златни, што беше доволно за петтото место на екипната листа на освојувачи на медали. Тоа не можеше да биде причина за задоволство. Од 1992 година од Барселона, бројот на медали се намалува, а најжестоки удари претрпеа атлетичарите и пливачите. Причина за тоа не можат да бидат само строгите допинг контроли во Германија. Особено зашто германскиот тим во Пекинг не беше поштеден од допинг случај. Кестер, коњот на натпреварувачката во коњички скокови Кристијан Алман, бил третиран со забранет лек. Беше ли тоа само пропуст што нема влијание врз способноста на коњот, како што смета Алман? Допинг аналитичарот Марио Тевис мисли поинаку:
„Ги редуцира болките, предизвикува крвавење во одделни делови каде што ќе се задржи. Поради тоа што ги намалува болките, носи способности што не би биле можни со болки“.
Вкупниот број откриени допинг случаи во Пекинг беше неочекувано мал. Од тие причини, претседателот на Германскиот олимписки спортски сојуз и потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах побара засилени контроли пред игрите:
„Резултат беше што уште претходно беа откриени цела низа позитивни случаи. Значи, голем број спортисти, околу 20, уште пред почетокот беа откриени и не допатуваа на игрите“.
Не е исклучено дека ќе бидат откриени и други, зашто допинг-пробите ќе продолжат до 2016 година врз супстанции што сега не можат да се докажат.