1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови тонови од Вашингтон

Нина Веркхојзер, Агенции, Дојче Веле8 февруари 2009

Американскиот вицепретседател Џо Бајден на конференцијата за безбедност во Минхен понуди поголема соработка и партнерство. Од Германија не се бара зголемување на военото присуство во Авганистан.

https://p.dw.com/p/GpAt
Американскиот потпретседател Џо БајденФотографија: AP

Американската надворешна политика ќе се промени и ќе добие на стил, изјави американскиот потпретседател Џо Бајден на конференцијата за безбедност во Минхен: „Дојдов во Европа во име на новата администрација на Барак Обама која сака да примени нови тонови не само во Америка туку и во надворешната политика“ изјави Бајден. Тој притоа нагласи дека само со силно партнерство можат да се совладаат заедничките предизвици. Меѓународните сојузи и организации според него не ја намалуваат моќта на Америка, туку ја подобруваат заедничката безбедност, економија и вредности. Бајден нагласи дека е потребен заеднички ангажман и комуникација. „На Америка и е потребен светот, на светот му е потребна Америка“ рече американскиот потпретседател.

Нова страница во односите со Москва

САД се подготвени на разговори со Иран, но и натаму остануваат на ставот дека Техеран треба да ја запре нуклеарната програма. Вашингтон истовремено сака генерално да ја обнови и соработката со Москва: „Во последните години се создаде опасен јаз меѓу Русија и НАТО. Дојдено е време за како што вели претседателот Обама да се притисне копчето за ресетирање на односите со Русија на повеќе полиња“. Подготвеност за промени во односите со Русија изразија и НАТО и ЕУ. Германија и Франција сакаат засилен ангажман на Москва во решавањето на меѓународните конфликти, како на пример проблемот со Иран. Меѓутоа истовремено беше осудена војната во Грузија и спорот околу гасот со Украина. Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека односите со Русија се од исклучително големо значење. Не постои причина да се премолчат предлозите на рускиот претседател Дмитриј Медведев за создавање заеднички простор за безбедност, но Русија би морала да ја прецизира својата идеја, побара канцеларката.

Sicherheitskonferenz München Nicolas Sarkozy Angela Merkel
Ангела Меркел и Никола Саркози во МинхенФотографија: AP

Поголем ангажман на европските партнери

Џо Бајден најави дека САД ќе сторат повеќе, но истовремено очекуваат и поголем ангажман од партнерите. Тој ги повика европејците да ги прифатат затворениците од Гвантанамо и да преземат поголем дел од товарот во Авганистан. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер смета дека за Германија нема да има изненадувања: „Немам чувство дека за германската страна ќе има неприфатливи барања, туку напротив. Уште еднаш слушнав порака на големо почитување за нашите одлуки за зголемување на напорите за цивилната обнова како и зголемување на војниците во Авганистан на 4.500“. Според Штајнмаер во односите со САД постојат многу заеднички точки во делот на контролата на вооружувањето и политиката на разоружување. Тој притоа нагласи оти е многу јасно дека нема да се одбегнуват тешките теми кои се однесуваат на Блискиот Исток, Средниот Исток како и Авганистан. Штајнмаер притоа додаде дека американската влада очекува практична помош околу прифаќањето на затворениците од Гвантанамо, за кој Бајден во Минхен уште еднаш повтори дека ќе биде затворен.