Нови тензии меѓу НАТО и Русија околу ракетната одбрана
8 декември 2011Главната тема на вчерашниот прв ден од средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел требаше всушност да биде билансот на меѓународната конференција за Авганистан што се одржа во Бон. Меѓутоа, таа брзо падна во втор план по најавата на Русија еден ден пред средбата на Советот НАТО-Русија дека на планираниот систем на НАТО за одбрана од ракетни напади во Европа ќе реагира со поставување ракетни лансери во својата енклава Калининград, што значи во непосредна близина на земјите од Алијансата.
Расмусен: Потсетување на студената војна
За Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, тоа не е ништо друго освен „непотребно трошење пари“. Тој нагласи дека ракетниот одбранбен систем не е насочен против Русија, туку против земји како Иран.
„Забележавме дека Русија е подготвена да одговори на нашите планови со стационирање ракетни системи во соседни области на Алијансата. Морам да кажам дека таквите одговори не‘ потсетуваат на конфронтацијата од една одамна мината ера. Нивниот став сугерира фундаментално недоразбирање околу обемот на нашата ракетна одбрана и нејзината цел“, рече Расмусен .
Тој истакна дека со задоволство ги очекува разговорите со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој денеска во Брисел ќе присуствува на средбата на Советот Русија - НАТО.
Без преголеми очекувања од средбата во Брисел
„НАТО и Русија имаат очигледен и докажан интерес да работат заедно. Во многу важни области ние веќе работиме заедно и јас цврсто верувам дека има голем потенцијал за нас да соработуваме уште потесно“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.
Расмусен изрази надеж дека на наредниот самит на НАТО во Чикаго, во мај наредната година, ќе биде постигнат договор со Русија за ракетниот одбранбен систем.
Од НАТО велат дека Алијансата е упатена на соработката со Русија , како на пример при снабдувањето на трупите во Авганистан и затоа министрите за надворешни работи на 28-те членки на НАТО денеска на средбата со рускиот колега Лавров ќе се обидат да ги ублажат тензиите.
Поради заострените позиции меѓутоа, дипломатите не очекуваат дека на состанокот во Брисел ќе биде постигната некаква согласност.
Автор: Симе Недевски/дпа/дапд/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска