1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови санкции против Иран

10 јуни 2010

Советот за безбедност на ОН воведе нови санкции против Иран. Санкциите се изгласани по повеќемесечни советувања, со 12 гласа „за“, два „против“ и еден „воздржан“.

https://p.dw.com/p/NmeW
Фотографија: AP Graphics

Советот за безбедност ги заострува веќе постоечките санкции и воведува и нови. Ново е тоа што сега се цели на финансиската сила на револуционерната гарда, која како паравоена организација и бизнис-империја е еден од столбовите на системот на владеење во Иран. Банкарските сметки на нејзните членови ќе бидат блокирани, а ќе бидат воведени и забрани за патување во странство. Иран не смее да тргува со тешко оружје, воени бродови или тенкови, а бродовите кои се на пат за Иран ќе бидат контролирани. Исто така ќе бидат ограничени зделките со странство.

Според германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг, резолуцијата на Советот за безбедност од страна на Иран треба да биде сфатена како нова понуда за разговор: „Се надеваме дека Иран ќе ја прифати подадената рака и дека ќе дојде до сериозни разговори околу иранската атомска програма.“

Иран, меѓутоа, и натаму продолжува со истиот тон. „Се‘ едно колку резолуции ќе има, ние ќе продолжиме со облагородување на ураниум“, изјави ирански дипломат непосредно по гласањето во ОН.

Автор: Лена Бодевајн/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска