1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови санкции од ЕУ за Сирија

1 август 2011

Европската унија одлучи денеска да воведе дополнителни санкции за Сирија поради ескалацијата на насилствата што режимот во Дамаск ги спроведува против демонстрантите.

https://p.dw.com/p/127yi
Аматерски снимки од нападите на сириската армија во ХамаФотографија: picture alliance/abaca

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон изјави дека санкциите опфаќаат и забрана за патување за петмина високи сириски функционери.

„ЕУ одлучи да воведе дополнителни рестриктивни мерки за замрзнување имот и забрана за патувања за пет сириски личности вмешани во насилната репресија. Сакам да ги потсетам сириските власти на нивната одговорност да го заштитат населението“, изјави Ештон.

„Бруталното насилство создава сериозна опасност од ескалација на тензиите и поделби и не е во согласност со широки реформи што беше ветување од Дамаск за народот на таа држава“, додаде таа. ЕУ, според Ештон, ќе продолжи со политиката на санкции за Сирија се додека „неприфатливото насилство против цивили не престане и не се оствари напредок во исполнување на легитимни барања на сирискиот народ за демократска транзиција“.

Осуда од целата меѓународна заедница

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун побара итен прекин на насилствата и изведување на одговорните пред суд. Американскиот претседател Барак Обама, пак, порача дека ќе се заложи за потполна меѓународна изолација на режимот на претседателот Башар ел Асад.

Catherine Ashton in Syrien
Кетрин Ештон во март годинава ја посети СиријаФотографија: picture-alliance/dpa

И официјални претставници на САД, Германија, Италија и Франција го осудија нападот на сириската армија врз градот Хама. Германија поднесе и барање за итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Вчерашниот напад врз Хама е еден од најсмртоносните во Сирија од 15 март наваму кога демонстрантите првпат излегоа на улиците барајќи демократски реформи, а потоа се свртеа и против режимот на претседателот Башар ал Асад.
Од почетокот на протестите, според наводите на активистите за заштита на човековите права, се убиени повеќе од 1.600 цивили, а Владата се обидува да ги дискредитира противниците, нарекувајќи ги терористи и странски екстремисти.

Автор: БГ/миа/дв/макфакс

Редактор: Жана Ацеска