1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови избори во Грција - преговорите пропаднаа!

ЕМФ/дпа/миа/дапд/15 мај 2012

Во Грција ќе се одржат нови избори. Преговорите за состав на нова влада пропаднаа, соопштено е попладнево (15.05) во Атина.

https://p.dw.com/p/14w0X
Фотографија: dapd

Како веројатен датум за одржување нови избори во Грција се споменува 17 јуни. Набљудувачите сметаат дека на новите избори ќе се зајакнат позициите на левичарските и десничарските партии. Евангелос Вензиелос, шеф на социјалистите, по кризната средба со претседателот на Грција Каролос Папуљас, изјави дека дел од учесниците на средбата ги поставиле партиските интереси над интересите на земјата, но не наведе имиња.

Папуљас денеска се обиде да издејствува компромис околу нова влада. Вчера претседателот предложи формирање експертска влада, но лидерите на партиите уште претходно изразија сомневање во можноста да се постигне договор по ова прашање. На парламентарните избори на 6 мај ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, а сите обиди кои беа преземени за формирање влада беа неуспешни.

Во разговорите со шефот на државата учествуваа Нова Демократија, која на изборите освои 108 места во парламентот, потоа СИРИЗА со 52 пратенички мандати, ПАСОК со 41 пратеник, „Независните Грци“ кои добија 33 мандати и Демократската левица со 19 места. Во преговорите одби да учествува Комунистичката партија, која на изборите доби 26 пратенички места, додека екстремно десничарската „Златна зора“, со освоени 21 мандат, не беше поканета.

Griechenland Neuwahlen Evangelos Venizelos von Pasok in Athen
Евангелос Венизелос по средбата изјави дека дел од учесниците на средбата ги поставиле партиските интереси над интересите на земјата, но не наведе имињаФотографија: Reuters

Финансиските пазари реагираа со шокираност на веста за пропаѓањето на преговорите во Атина. Откако грчкиот претседател најави нови избори во земјата, германскиот водечки индекс Дакс падна за 1,41 процент и е на најниско ниво од јануари досега. Курсот на еврото во попладневните тргувања падна под границата од 1,28 американски долари и се разменува за 1,27 долари, односно е на најниско ниво од јануари досега. На пазарите на обврзници реакцијата е исто така жестока - добивката на обврзниците со десетгодишен рок за хартиите од Шпанија и Италија попладнево се зголеми за десет, односно дванаесет поени и изнесува 6,2, односно 5,7 проценти.