1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови зборови, стара стратегија

14 септември 2007

Врховниот командант на американските трупи во Ирак, генерал Дејвид Петреус предложи, а претседателот Џорџ Буш реши: до Божиќ ќе бидат вратени 5700 војници, а до јули наредната година вкупно 30-ина илјади

https://p.dw.com/p/BfuU
Генерал Петреус и Џорџ БушФотографија: AP

Претседателот Буш и натаму е решен во Ирак да продолжи како досега. Тој игра на време и се потпира пред се’ врз воениот ангажман. Не случајно го пушти во понеделникот генерал Петреус да му го трасира патот: Буш можеше едноставно да ги преземе неговите проценки и стратегиски размисли, а генералот му отвори и можност за прв пат да ја искаже магичната формула: некои од војниците можеме да вратиме дома.

Во разни варијанти барањето на противниците на војната беше повеќе пати спомнато во говорот. Тоа дури може да смири некои од скептиците во неговата партија, има голема симболична вредност за војниците, а Буш му направи услуга и на својот министер за одбрана Роберт Гејтс.

Притоа, факт е дека најавеното повлекување на дел од трупите е резултат на откажувањето на генерал Петреус да побара замена за војниците, кои беа испратени како засилување на одредено време, што ионака истекува. Претседателот, всушност, не смееше да рече дека враќа трупи дома, туку дека не испраќа нови во Ирак.

Буш сакаше на противниците на војната да им покаже дека, демек, го прави она, штои тие го сакаат. Иако изрично им понуди соработка, демократите не дозволија да бидат заслепени. Уште подобро би било ако извлечат вистински заклучоци. Пред летната пауза во Конгресот тие упорно се обидуваа да го поврзат финансирањето на трупите со конкретен датум за нивно повлекување – само со датумот не би се добило ништо.

Буш е во право кога вели дека слом на Ирак би бил опасен проблем - краткорочно за регионот, а долгорочно за светот; избрзано американско повлекување несомнено би довело до тоа. Потребни се интелигентни решенија, а пред се’ дипломатија. Но, претседателот не зборуваше за итно потребни дипломатски иницијативи, туку сосем на крајот укажа на претстојната конференција за Ирак и на новата мисија на ОН.

Министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс неделава ја нема на тема Ирак, но ни министерот за одбрана исто така. Тоа покажува – ова е и останува војна на Џорџ Буш. Неговото претседателствување е неделиво поврзано со ирачката војна. Поради тоа и не може сега да и’ стави крај, оти тогаш би морал да признае дека не постигна ниедна од своите цели. Тој останува на својата линија. Но, за прв пат призна дека американскиот ангажман во Ирак ќе трае подолго од неговото претседателствување. Нови зборови, но не и нова политика.

Кристина Бергман