Нови жртви во воздушен напад во Алепо
28 декември 2013Најмалку 20 лица загинаа денескa (28.12) во воздушен напад врз пазар и болница во сирискиот град Алепо во северниот дел на земјата, соопштија опозициски активисти.
Хеликоптери ги бомбардираа овие две цели, а меѓу жртвите цивили има и две деца и една жена, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Меѓу жртвите има и еден медиумски активист, соопшти организацијата со седиште во Велика Британија.
Трупите на властодржецот Башар ел Асад во последниот период сѐ повеќе навлегуваат во делови на Алепо кои се контролирани од бунтовниците. Градот имено повеќе од две недели е цел на силни напади од владините трупи. Според Сириската опсерваторија за човекови права притоа биле убиени повеќе од 400 луѓе.
Сириската армија по сѐ изгледа се обидува да ја зајакне својата позиција пред планираната мировна конференција во Швајцарија, за да ја засили својата преговарачка позиција. Населбите на некогашниот економски центар Алепо веќе со месеци се поделени меѓу владата и бунтовниците.