1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови демонстрации во Шпанија

ЖА/дв/дпа/миа27 септември 2012

Владата во Мадрид подготвува нови резови за граѓаните со буџетот за следната година. Шпанците вчера втор ден по ред демонстрираа против мерките за штедење на премиерот Рахој.

https://p.dw.com/p/16G8s
Фотографија: AFP/Getty Images

Шпанската влада денеска на вонредна седница треба да го усвои буџетот за 2013-та година. Во него се предвидени натамошни резови за граѓаните, како намалување на пензиите на државните службеници и замрзнување на платите на вработените во јавните служби. Освен тоа, веројатно побрзо од планираното ќе биде подигната и старосната граница за заминување во пензија на 67 години.

Во Шпанија втор ден по ред беа одржани протести против мерките за штедење на владата на конзервативниот премиер Мариано Рахој. Над пет илјади луѓе синоќа демонстрираа во центарот на Мадрид. За разлика од претходниот ден, вчера протестите поминаа мирно. Извикувајќи „Бараме оставка од владата“ и „Не се плашиме“, демонстрантите на плоштадот Нептуно, повторно се соочија со припадници на полициските единици за растурање демонстрации. Во истиот дел од градот претходната ноќ полицијата ги тепаше демонстрантите со палки и гумени куршуми.

„Бев овде и вчера и ќе доаѓам секој ден да му кажам не на овој систем“, изјави Анхел Алкаиде, 30-годишен инженер кој носеше транспарент со натписот „Оставка“.

„Оваа влада е полоша од претходната. Таа ги штити привилегиите, луксузот, а луѓето едноставно мораат да штедат на здравјето и образованието“, протестираше 26-годишната Кармен Лопес, која живее во Лондон, бидејќи, наведува, била присилена да замине во странство затоа што во Шпанија нема работа за младите.

Повеќе од 60 лица, вклучувајќи и 27 полицајци, беа повредени во вторникот ноќта, во текот на антивладините демонстрации во близина на парламентот во центарот на Мадрид.