1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот- тврдина на државни службеници

Вера Керн / Симе Недевски22 октомври 2013

Пратениците во Бундестагот би требало да бидат претставници на народот - од сите слоеви, професии... Но и во новиот 18. состав, чија конституитивна седница е денеска (22.10.), седат главно државни службеници.

https://p.dw.com/p/1A3LJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Џемиле Ѓусуф не е сосем вообичаена германска политичарка. И тоа не се само затоа што таа е муслиманка и членка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), туку постојат уште две причини поради кои Џемиле Ѓусуф не е просечна пратеничка во германскиот парламент: таа е жена и со своите 35-години е релативно млада парламентарка. Кога се гледа меѓутоа според застапеноста на професии во Бунтестагот, таа се вбројува во апсолутниот просек на германскиот парламент.

Во 18. состав на Бундестагот кој денеска (22.10.2013) ја одржува својата конституитивна седница седат речиси двојно повеќе мажи отколку жени. Многумина од нив имаат околу 50 години и во минатото биле на „клучни административни работни места“, наведено е во официјалната статистика. Повеќе од половина од вкупно 631 пратеник, биле вработени во разни државни органи: службеници, наставници, правници. И демохристијанката Ѓусуф припаѓа кон оваа група. Во Бундестагот доаѓа од местото референт на покраинското министерство во Северна Рајна Вестфалија.

Составот на новиот Бундестаг не изненадува. Уште во минатиот мандат имаше малку пратеници кои по професија се слободни претприемачи, а речиси и да немаше „обични работници“. Од 1957 година наваму бројот на државни службеници со пратеничко место во Бундестагот постојано расте.

Гарантирано враќање на старото работно место

Deutschland Wahlen Listenplatz für CDU Mitglied Cemile Giousouf
Пратеничката во 18. состав на Бундестагот Џемиле ЃусуфФотографија: picture-alliance/dpa

„Некој самостоен претприемач не може едноставно да ја напушти својата фирма за период од четири години. Во тој случај би ги загубил своите клиенти“, вели Клаус Даудерштет, претседател на Германското здружение на државни службеници (ДББ).

На државните службеници, од друга страна, законот им гарантира дека ќе ги чека работното место. Тие уживаат неограничено право на враќање на своето старо работно место. Даудерштет смета дека тоа е исправно.

Само егзистенцијалните стравови, меѓутоа, не можат да бидат единствено објаснување за тоа што толку малку луѓе од секторот на приватното претприемаштво политички се ангажираат. „За адвокатите, лекарите, слободните претприемачи, работата на парламентарен пратеник стана изразено неатрактивна“, тврди политикологот Вернер Пацелт од Бремен. Тој укажува на фактот дека платите на пратениците во споредба со платите на вработените на повисоки позиции „воопшто не се високи“. Освен тоа, додава Пацелт, вистинска моќ и онака има само мал број парламентарци.

Затворено друштво

Оној кој во германската политика сака нешто да заработи, мора многу рано да се впушти во политичките води. Самостојна претприемачка која сака да стекне место во Бундестагот тешко ќе успее во својата намера. Бидејќи, по правило, политичката кариера стратешки се планира. Најнапред се станува член на младинската организација на некоја партија, потоа се презема една партиска функција по друга, за на крајот да се стане кандидат за пратеник во парламентот. За оној, кој не е член на некоја од најсилните политички партии, пак, тоа е речиси невозможно, особено без добронамерни ментори и заштитници.

Deutschland Vertrauensfrage 1982 - Helmut Schmidt
Бундестагот во 1982 годинаФотографија: obs/Made in Poland

Тие побргу бараат подмладок во сопственото опкружување. Тоа, се чини, е една од причините поради која некои групи се и премногу застапени во Бундестагот - и тоа не станува збор само за државните службеници. Уделот на жени, потоа на пратеници со странско потекло и на оние кои не се факултетски образовани, е премногу низок. Според информациите на Медиумската служба за интеграција, само 37 пратеници имаат странско потекло. Успешен претприемач или мајка со турско потекло која има три деца дефинитивно не се типични пратеници во Бундестагот.

За составот на германскиот парламент да биде малку поразновиден, мора од темел да се промени изборниот систем, уверен е Вернер Пацелт. Тој предлага да се одржуваат отворени предизбори за сите мандати. Така народот директно би ги избирал кандидатит,е а не партиите каков што е случајот сега. На тој начин оние кои не се во државна служба и политичарките како Џемиле Ѓусуф би имале поедноставен пристап до политичката сцена.