1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот „лек за еврото“-премногу горчлив

14 февруари 2011

Во Брисел се состануваат министрите за финансии на еврогрупата на разговори, како да се закрепне ослабеното евро. Германија и Франција предложија нов „Пакт за конкурентност“, кој наиде на голем отпор кај другите земји.

https://p.dw.com/p/10Goz
Фотографија: picture alliance/dpa

Предлогот од Берлин, кој германската канцеларка Ангела Меркел го поднесе заедно со Франција на самитот на ЕУ на 4 февруари, е јасен. Државите кои го имаат воведено еврото треба да ја земат Германија за пример. За да станат поконкурентни и да ја осигураат иднината на еврото, 17-те држави треба да ветат, дека нема да ги покачуваат платите пропорционално со покачувањето на цените. Освен ова треба да тежнеат кон воведување изедначени даноци за фирмите, да воведат механизам за сопирање на новите задолжувања по примерот на Германија и да ја покачат старосната граница за одење во пензија на 67 години. Меѓутоа против овој „Пакт за конкурентност“ доаѓа отпор од повеќе земји.

Различни земји, различни барања

Австрискиот канцелар Вернер Фајман смета: „Лично сметам дека е невозоможно Европската унија да ја регулира старосната граница за пензија. По ова прашање има многу разлики во поединечните земји, многу различни предуслови.“

Белгија и Луксембург и натаму сакаат растот на платите да го врзуваат за стапката на инфлација.

Wolfgang Schaeuble
Волфганг ШојблеФотографија: picture alliance/dpa

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле пред неговите колеги во Брисел ќе аргументира дека еврото долгорочно погледнато нема да може да ги издржи разликите во конкурентноста. Без Пактот, Германија од своја страна нема да се согласи да вложи повеќе пари за „спасувачкиот чадор“ или за заедничките обврзници на евро-државите. Економистот Мартин Хефнер смета дека мерките предвидени со новиот Пакт се неопходни. „Ако поставиме минимални стандарди за шест точки, меѓу другото за старосната граница за одење во пензија и индексација на платите, тогаш тоа се важни точки неопходни за сраснувањето во еврозоната. Дали на крајот тоа ќе биде доволно за да се постигне изедначеност во еврозоната, во тоа се сомневам. Меѓутоа мора да одиме чекор по чекор и овој чекор сега е добар.“

Symbolbild Euro Estland Fahne
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Италија, Белгија и Ирска меѓутоа не се согласуваат со предлогот. Презадолжените Ирци сакаат да ги зачуваат ниските даноци за претпријатијата. Во Полска исто така не се воодушевени, имено земјата се’ уште го нема воведено еврото како платежно средство и како и други се чувствува исклучена. Германската канцеларка Ангела Меркел, при нејзината неодамнешна посета на Варшава изјави: „Пактот за конкурентност е отворен кога станува збор за конкуренцијата. Ќе не` радува ако учествува и Полска, оти тоа е земја подготвена за реформи. Земја која има традиција на консолидирање и спроведе многу реформи и покрај отпорот што постоеше, што впрочем многу го ценам.“

Предупредувачки тонови пристигнуваат и од сопствените редови. Искусниот европарламентарец, конзервативецот Елмар Брок, преку хесенското радио ја предупреди својата сопартијка Ангела Меркел дека со новиот Пакт постои опасност да бидат заобиколени останатите европски институции, како Европската комисија или парламентот: „Лудост е да се формираат паралалени структури, кои повеќе ќе се попречуваат отоколку што ќе си помагаат. Со ваквата конкурентност долгорочно ќе се уништи карактерот на заедници на унијата“, смета Брок.

Автор: Бернд Ригерт/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска