Новиот закон за верски заедници носи компромисно решение
15 јули 2007Новиот закон за верски заедници што владата му го достави на парламентот ги обезбедува верските права и слободи но води сметка тие да не бидат злоупотребени. - Изјави за Дојче Веле минстерот за правда Михајло Маневски. Државата во новиот закон му ја предава на судот надлежноста за регистрација на верските заедници и групи открива Маневски детали од законот.
Според владата ова е компромисно решение за кое беа заинтересирани Македонската православна црква и Исламската верска заедница од една страна и Меѓународната заедница од друга страна. Доколку законот биде усвоен од парламентот судот ќе решава дали ќе се регистрираат непризнатата црква на Јован Вранишковски и Бехтешката заедница.
Маневски тврди дека најновиот предлог закон ќе добие поддршка од Венецијанската комисија и од ОБСЕ но исто така и од МПЦ и ИВЗ. - Мислам дека корелацијата и односите со најголемите заедници постои комуникација и ги поддржуваат решенијата.
Законот за верски групи меѓународната заедница го постави како услов за натамошно приближување меѓу НАТО и ЕУ. Неговото донесување ги проби роковите кои владата си ги постави поради обидите да се обезбеди поддршка од најбројните религии во Македонија што е практично невозможно со оглед на тоа што МПЦ и ИВЗ не сакаат да чујат за легализација на Бектешите и на приврзаниците на Вранишковски.