1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот ЕП е многу важен за Македонија

5 јуни 2009

Евроизборите во Македонија се следат со внимателност. Веднаш по нив, ќе стартува нова рунда преговори за името меѓу Атина и Скопје. Новите европарламентарци треба да усвојат и мислење за визната либерализација.

https://p.dw.com/p/I47w
Фотографија: AP

Составот на идниот Европски парламент ќе влијае и врз текот на идното проширување на ЕУ, вели професор Каролина Ристова – Астеруд: „Со оглед на тоа што е извесно дека во времето на мандатот на овој нов Европски парламент ќе влезе во сила и Лисабонскиот договор (недостасуваат уште три ратификации), ќе добиеме можеби највлијателен Европски парламент досега“, коментира професорката Ристова од Правниот факултет.

Деновиве, во неколку јавни изјави, шефот на дипломатијата Антонио Милошоски посвети внимание и на изборот на составот на идниот Европски парламент: „Економската криза ќе има и свои политички импликации и за време на изборите за пратеници во Европскиот парламент, при што би добиле шанса одредени политички партии кои претпочитаат популизам или имаат евроскептични погледи.“

Радмила Шеќеринска, претседател на Советот за евроинтеграции, оценнува: „Се претпоставува дека заради намалениот одѕив на овие избори, во Европскиот парламент ќе влезат и неколку од, условно речено, екстремните партии. Еден дел од нив не го поддржува натамошното проширување.“

Dossier Europaparlament in Straßburg - 3
Новиот состав на парламентот треба да го каже своето за важни прашања за МакедонијаФотографија: dpa

Групата „Пријатели на Македонија“ ќе биде преполовена

При крајот на мандатот на стариот Европски парламент, беше формирана пратеничка група „Пријатели на Македонија“. Но, судејќи по кандидатурите, таа ќе биде преполовена во идниот четиригодишен мандат. Не се номинирани Ангелика Бер и Ерик Мејер, кој беше известувач во Брисел за Македонија. Од т.н. лоби за Македонија ќе останат Берт Поселт, Дорис Пак, Ана Ибрисагиќ и Јелко Кацин. Кацин вели: „Македонија загуби многу време, зашто не беше адекватно организирана, стоеше или чекореше назад во многу подрачја на патот кон Европската унија“, рече Јелко Кацин.

Овој словенечки парламентарец, деновиве, од Унијата, јавно и‘ порача на македонската влада дека решавањето на спорот со името е клучен и за нејзината европска перспектива.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска