1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140211 Mobilfunk Messe Barcelona

17 февруари 2011

На најголемиот Саем за мобилна телефонија во светот во шпанскиот пристанишен град Барселона од 14 до 17 февруари се собрани 1.300 изложувачи.

https://p.dw.com/p/10ISF
Фотографија: dapd

Пазарот на мобилни телефони се чини како да нема граници. Годинава се очекува ширум планетата да бидат продадени неверојатни 1,4 милијарди мобилни телефони, што значи зголемување од 8,5% во однос на минатата година. Притоа водечката улога во натамошното ширење на пазарот играат телефоните кои овозможуваат вклучување во интернет во секоја ситуација од секојдневниот живот. Паметните телефони или смарт-телефони кои го овозможуваат тоа се всушност мини-компјутери снабдени со многу силни процесори и со екрани чувствителни на допир, така што корисникот има пристап до сите функции на мобилниот телефон преку допир на екранот во боја. Преку пристапот до светската компјутерска мрежа смарт-телефоните отвораат невидени можности, како читање на електронската пошта додека седите во воз или гледање видео-спотови. Исто така малите компјутери во мобилните телефони овозможуваат директно користење на системите за навигација, како и откривање на разни знаменитости во новото место каде што се наоѓате.

Flash-Galerie Mobile World Congress Barcelona 2011
Новата надеж на Самсунг: Galaxy TabФотографија: picture alliance/dpa

Интересни трендови

Ахим Барчок, уредник на стручното списание за компјутерска техника „Си-ти“, е фасциниран од најновите трендови на саемот во Барселона: „Има многу интересен развој на полето на техниката. Од една страна, хардверот стана многу подобар, сега има процесори со две јадра. Исто така и графичката техника на смарт-телефоните е многу подобрена. Она што е вистинска новост е техниката што овозможува два компјутери да комуницираат еден со друг директно на релативно помала раздалеченост и на тој начин да обезбедат на пример непосредна идентификација на сопственикот на мобилниот телефон.“

Битка за пазарот

На саемот во Барселона се забележува дека меѓу петте најголеми играчи на ова поле успешно се пробиваат и фирми на кои мобилната телефонија не им е изворна дејност. Финскиот концерн Нокиа и понатаму е прв по бројот продадени мобилни телефони, но затоа ја губи битката на полето на смарт-телефоните. Победник во тој сектор е американскиот компјутерски концерн Епл, кој оствари извонреден успех со пласманот на т.н. „ај-фоунс“ - нив само во 2010 ги купија 46 милиони корисници ширум светот. На пазарот на мобилни телефони се води голема битка и околу оперативните системи, при што главни соперници во моментов се компјутерскиот концерн Епл и интернет понудувачот Гугл. Во меѓувреме, освен моќниот Епл со неговиот „ај-фоун“, ниту еден друг производител на смарт-телефони не може да си дозволи во палетата производи да нема барем неколку кои работат со системот на Гугл, Андроид. Двата американски концерна водат битка и на полето на мини-програмите за мобилни телефони, т.н. „апс“. На корисниците на системот Андроид во меѓувреме им стојат речиси исто толку „апс“ на располагање, како и на оние на „ај-фоун“.

Flash-Galerie Mobile World Congress Barcelona 2011
Сони Ериксон се претставува со „Xperia-play“Фотографија: dapd

Автор: Ролф Венкел / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска