1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите со свирежи ја напуштија собраниската галерија

АТ/ миа/ макфакс27 декември 2012

Претставниците на медиумите, со свиркање од галеријата во собраниската сала го изразија незадоволството од понеделничките случувања. Претседателот на Собранието Вељаноски изрази жалење за неодамнешните случувања.

https://p.dw.com/p/179ZS
Фотографија: MIA

Откако претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски ја отвори седницата за пратенички прашања, новинарите со свиркање го изразија своето незадоволството и ја напуштија седницата.

Според претходно најавеното, на седницата не присуствуваат пратеници од опозицискиот блок. Единствено на седницата од страна на опозиција е присутна исклучиво пратеничката група на ДПА, јавуваат македонските медиуми.

Премиерот Никола Груевски и министрите, денеска одговараат на прашања од своите пратеници, додека опозицијата се префрли спроти Собранието.

Како што соопшти Сојузот за иднината, денеска од 12 часот, организира Граѓански парламент на кој ќе се поставуваат пратенички прашања, на локација спроти Собранието на РМ, во паркот „Жена борец“.

Вељаноски бил приморан да овозможи услови за работа

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска во интервју за агенцијата МИА изрази жалење за случувањата во Парламентот во понеделникот, но тврди дека бил приморан да го одржи редот во пленарната салa и да создаде елементарни услови за работа.

„Собранието на Република Македонија како институција секогаш било максимално транспарентно за што сведочат сите релевантни фактори. Во овој дел, јас лично, како претседател секогаш сум се заземал и ќе се заземам за отворен и пред се професионален однос кон новинарите и медиумите. Сепак, околностите кои се создадоа, а во согласност со член 43 од Законот на Собранието претпоставуваа мое барање упатено до собраниското обезбедување за обезбедување на редовен тек на седницата. Во оваа смисла, тие ги планираат и преземаат потребните мерки. Да потсетам дека на почетокот, новинарите беа присутни на галеријата од пленарната сала. Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собрание бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала, проценка било на надлежното собраниско обезбедување, имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала бидејќи истата е е надвисната над пленарната сала да се испразни за да се избегне случување на некој поголем инцидент.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008
Претседателот на македонското Собрание Трајко ВељаноскиФотографија: DW/MIA

Во секој случај, сакам јасно да потенцирам дека и денеска, како и во вчерашното соопштение, кога станува збор за присутноста на новинарите на галеријата изразувам жалење. И во оваа прилика, уште еднаш повторувам дека и понатаму ќе се завземам за максимална отвореност и транспарентност на Собранието и продолжување на високоразвиените односи со новинарите и медиумите ценејќи го нивниот професионален однос и секако нивната одговорна улога во општеството“, вели Вељаноски.

Претседателот на македонското Собрание исто така истакна дека е постапено согласно Деловникот, Уставот и законите и оти e испочитувана процедурата за донесување на Буџетот. Вељаноско нагласува дека биле направени максимални напори да се изнајде решение и искористени сите можности за деблокирање на донесување на Буџетот, но оти опозицијата не прифатила ниту еден од дадените предлози и го злоупотребила Парламентот за своја ултимативна пресметка со Владата.

„Од моја страна беа преземени сите можни чекори да се спречи и да не дојде до онаа грда слика која, за жал, се создаде во понеделеникот, во македонскиот парламент. Во сиот овој период секојдневно организирав координативни средби, се обидував согласно Законот за Собранието да ги создадам сите услови за водење на конструктивен политички дијалог, и во таа насока дадов и четири предлози како Собранието да излезе од блокадата и да продолжи да ја спроведува својата законодавна функција. За жал, ниту еден од нив не беше прифатен, ниту се имаше реална волја да се разговара и да се изнајде излезно решение“, вели Вељаноски.

Вељаноски смета и дека севкупната партиска поларизација во општеството се прекршува токму преку Парламентот, и оти не може правото на малцинството да го суспендира правото на мнозинството.