1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите отстранети од Собранието бараат правда пред Уставен суд

СН/БГ/макфакс26 февруари 2013

Новинарите кои беа присутни на инцидентот на 24 декември во македонското Собрание, кога беа отстранети од галеријата за посетители бараат Уставниот суд да утврди дека со ова е повредена слободата на изразување.

https://p.dw.com/p/17m0V
Фотографија: MAKFAX

Здружението на новинари на Македонија поднесе барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мисла до Уставниот суд.

Барањето го изработил тимот на адвокати кои Здружението на новинарите ги користи за да им обезбеди бесплатна правна помош на членовите. Во барањето се објаснува дека настаните околу седницата за донесувањето на Буџетот беа од исклучителен интерес за јавноста, од причина што постоеше конфликт меѓу пратениците од власта и опозицијата.

„ Во еден момент поголема група луѓе од собраниското обезбедување пристапија во галеријата и почнаа истата да ја празнат од присутните новинари. Некои од новинарите реагираа на ваквиот начин на отстранување од галеријата на собраниската сала, од причина што конфликтната ситуација во собраниската сала во тие моменти ескалираше и јавноста имаше интерес да биде непречено известувана за овие случувања. Оние новинари, меѓу кои и подносителите на ова барање, кои се спротиставија на отстранувањето од галеријата на собраниската сала беа присилно исфрлени со употреба на физичка сила. На нивните прашања околу тоа кој наредил нивно присилно отстранување и кој е основот и потребата за тоа, не добија никаков одговор. На тој начин, тие беа спречени да ја извршат својата професионална должност и да известуваат за овој настан, за кој постоеше огромен легитимен интерес кај јавноста“, се вели во барањето на ЗНМ.

Здружението за ова поднесе претставка и до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, со која се бараше да биде утврден идентитетот на лицата кои ги исфрлиле новинарите од галеријата, како и идентитетот на лицата кои издале наредба за тоа и сите да бидат соодветно санкционирани. МВР не констатираше прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Во одговорот, исто така, не е откриен идентитетот на лицата кои ги отстранија новинарите.