Новинарите на нишан
19 декември 2012Во целиот свет оваа година се убиени 88 новинари - повеќе од кога било досега. Ова произлегува од годишниот биланс на организацијата „Репортери без граници“, претставен во Берлин. Според него поради својата работа животот го ризикуваат и интернет-блогерите како и „граѓанските репортери“. Во овие категории бројот на жртвите се зголеми од 5 на 47 лица кои го загубија животот.
Многу од овие жртви доаѓат од Сирија, каде мажите и жените како репортери, фотографи или видео-новинари го документираа секојдневието во војна и прогонувањето на опозиционерите, појаси Михаел Редиске. Меѓу петте најопасни земји во светот, според „Репортери без граници“ покрај Сирија се вбројуваат и Сомалија, Пакистан, Мексико и Бразил.
Најмалку 193 новинари како и 130 блогери и интернет-активисти во моментов се во затвор поради својата работа. Најмногу притворени оваа организација изброја во Турција и Кина. Во Турција во затвор се 42 новинари и четворица медиумски соработнции, додека во Кина во моментов се притворени 30 репортери и 69 блогери и интернет-активисти.