1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите мора слободно да работат и тоа важи и за Македонија!

Тони Гламчевски23 октомври 2013

Известувачот на ЕП за слобода на медиумите во ЕУ, Ренате Вебер, во разговор за ДВ го коментира случајот Кежаровски и нагласува: Ако некогаш Македонија сака да стане членка на ЕУ, крајно е време да се однесува како таква!

https://p.dw.com/p/1A4qu
Фотографија: Alterfalter - Fotolia.com

„Јас сум длабоко загрижена поради ситуацијата во поглед на слободата на медиумите во Македонија. Поради притисокот, откако нивниот колега Томислав Кежаровски доби толку остра казна и кој за целиот период на неговото судење беше во затвор, кај новинарите ќе се јави автоцензура“, коментира европратеничката Ренате Вебер, која беше известувач во Европскиот парламент за слободата на медиумите во ЕУ.

„Мојот извештај за стандардите за слободата на медиумите во Европската унија, усвоен од Европскиот парламент на пленарната сесија во мај 2013 година, испраќа повик до државите членки на ЕУ ’да пружат законски гаранции во однос на целосната заштитата на принципот за заштита на тајноста на изворот на информациите и повика на строга примена на пресудите од судската пракса на Европскиот суд за човекови права во оваа област, вклучувајќи го и делот за дојавување’“, вели за Дојче веле европратеничката Вебер.

Стандардите важат за сите подеднакво

„Се разбира истите стандарди важат и за земјите кандидати. Македонија веќе го држи непосакуваниот статус на најстар кандидат за пристапување во Европската унија. Во земјите од Западен Балкан слободата на медиумите е всушност еден од нашите главни проблеми. Ако некогаш Македонија сака да стане членка на Европската унија, крајно е време да се однесува како таква“, додава европратеничката од редовите на европските либерали и демократи.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Се надевам дека новото судење (на Апелационен суд) ќе ги промени нештата, бидејќи новинарите насекаде, вклучувајќи ја и Македонија, мора да бидат слободни, да можат да ја извршуваат слободно нивната работа, да известуваат за приказни од јавен интерес, без цензура, неоткривајќи ги изворите на своите информации и без стравување од реперкусии од властите“, завршува известувачот на ЕП за слободата на медиумите.

Мужниекс: Тешката казнат е сериозен удар за слободата на медиумите

Со свој коментар за случајот се огласи и Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужникес, според кого, „затворската казна од 4,5 години за македонскиот новинар Томислав Кежаровски е сериозен удар за слободата на медиумите во земјата“.

Мужниекс во својот последен извештај посветен на човековите права во Македонија има и посебен дел посветен на слободата и улогата на медиумите во земјата.

Nils Muiznieks, Kommissar für Menschenrechte des Europarates
Нилс МужниексФотографија: Council of Europe

Официјално од службата за печат на Советот на Европа ни беше речено дека Советот на Европа нема практика да коментира судски одлуки, кои не се дефинитивни. Но притоа наши соговорници од Парламентарното Собрание на Советот на Европа ни го посочуваат извештајот од постмониторинг дијалогот со Република Македонија, усвоен во јуни годинава. Во него се поздравуваат мерките кои биле преземени од македонските власти за судиите и новинарите да бидат добро обучени и запознати со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, односно преведувањето на 40 значајни пресуди кои се однесуваат на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој ја гарантира слободата на изразување, со што ќе се гарантира дека сите судии се обучени да го спроведуваат законодавството во оваа област. За таа цел, кон крајот на 2012 година околу 200 новинари, судии и адвокати, биле обучувани во Македонија.

Советот на Европа, Европската комисија и Европскиот парламент сите во своите извештаи, подвлекуваат дека секторот на медиумите и медиумските слободи во Македонија остануваат кревки поради разни причини.