1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова шпанска жртва во Ирак

22 април 2004
https://p.dw.com/p/AcNy
Американски check-point во Багдад
Американски check-point во БагдадФотографија: AP

Денеска во Багдад беше застрелан еден шпански цивил, додека неговиот преведувач е тешко повреден. Според полициски извори убиецот носел класична арапска облека и стрелал директно во главата на Шпанецот. Поради ваквата зголемена опасност за сите странци во Ирак, германскиот концерн Сименс најави повлекување на дел од соработниците, но ги демантираше инфомациите за потполно прекинување на сите проекти во оваа земја. Шефот на дипломатија Јошка Фишер пак изразо загриженост поради бранот насилство во Ирак. За време на посетата на Ерменија, Фишер ги осуди најновите атентати во Басра, како варварски дела.

Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер од Ереван најави дека пратеникот на ОН за Ирак, Лакдар Брахими, ќе му поднесе извештај на Советот за безбедност уште во текот на овој месец, значи за време на германското претседателствување со Советот. Неговиот британски колега, Џек Стро, пак денеска изрази увереност дека Советот за безбедност на Светската организација наскоро ќе донесе и нова резолуција за Ирак. Велика Британија и САД имено вршат притисок за усвојување нова резолуција, во која ОН ќе го поддржат најавеното пренесување на власта врз Ирачаните. Владите во Лондон и Вашингтон од таквиот чекор се надеваат дека ќе добијат поширока меѓународна поддршка за стабилизирање на Ирак.

Што се однесува до засилувањето на британските сили, кои се задолжени за јужниот сектор, во кој спаѓа и градот Басра, каде вчера беше изведена серијата атентати, премиерот Тони Блер изјави:

“Задоволни сме што имаме доволно сили во Басра. Немаме планови за нивно зголемување.“

Ова е одговор на британската влада на најавите од Вашингтон за евентуално зголемување на бројот војници во Ирак. Администрацијата на Буш се наоѓа пред големо искушение со оглед на најавите за повлекување на контингентите од три земји членки на коалицијата. Всушност од вкупно 155-те илјади странски војници во Ирак, 130.000 се американски, што значи дека дури и сите сојузници да се повлечат, тоа нема толку голем воено стратешки ефект. Но, она што му задава сериозни грижи на Вашингтон е потенцијалниот домино-ефект, кој пак ќе му причини огромна политичка штета на угледот на светската супер сила. Колку врвните американски политичари се навистина засегнати од одлуката на новиот шпански премиер покажува и фактот што шефот на Стејт департментот, Колин Пауел, не се појави на вообичаената прес-конференција со гостинот од Мадрид, новиот шеф на шпанската дипломатија Мигуел Анхел Моратинос.

Да биде ситуацијата за бушовата администрација уште полоша, најновите анкети на јавното мнение во САД покажуваат дека дури половината од Американците ја сметаат ирачката војна како погрешна одлука!