1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова трка за суровини

Матијас Белингер / Зоран Јордановски2 мај 2012

Германската политика повторно се интересира за обезбедување суровини, оти расте конкуренцијата околу ресурсите. Нови алијанси треба да помогнат да се обезбеди опстанокот на германското стопанство.

https://p.dw.com/p/14o8U
Фотографија: USDA, ARS, IS Photo Unit

Во германската политика во последно време повторно се во употреба изрази кои долго се чинеше како да припаѓаат кон едно друго, минато време: „обезбедување суровини“ или „суровинска надворешна политика“. На оваа тема ЦДУ (Христијанско-демократската унија) веќе и’ посвети три конгреси и предупредува дека Германија може да остане „со кратки ракави“ во распределбата на суровините во светот. „Мораме да бидеме сосем трезвени - во практиката многу често доживуваме дека другите земји се побрзи“, вели канцеларот Ангела Меркел.

Без суровини нема производи

Пред само неколку години тогашниот сојузен министер за стопанство Рајнер Бридерле и’ порача на индустријата дека не е задача на владата да набавува суровини, туку претпријатијата мораат самите да ги купуваат на пазарот, потсетува Улрих Грило, потпретседател на Сојузот на германската индустрија. Сега канцеларот Меркел патува во светот и склучува „партнерства за суровини“ со земји богати со нив, како Казахстан и Монголија. И ЕУ усвои „Стратегија за суровини“ и се труди да склучува такви договори. „Кој го нема неопходниот пристап до суровини, не ќе може ни да креира нови производи“, предупредува Ангела Меркел.

Откако почна напредувањето на Кина и на другите земји во подем, во тек е и трка за обезбедување ресурси, која не се одвива само преку цената, туку повторно се’ повеќе и преку договори, права за експлоатација и политички врски. Германската индустрија сака поради тоа и самата повторно да влезе во бизнисот со суровините. Изминатите денови десет големи претпријатија формираа „Алијанса за суровини“ ГмбХ, која треба да се вклучи во трговијата и експлоатацијата на важните ресурси. Во неа се вклучени големите германски индустриски претпријатија - Тисен, БАСФ, автомобилските концерни... Германската индустрија смета дека е атрактивен партнер за земјите богати со суровини: „Ние ги немаме големите пари на Кинезите, но можеме да понудиме технологија, ноу-хау, и поради тоа многу земји сакаат да имаат работа и со Германија“, вели Улрих Грило.

Merkel vor Afrikakarte
Меркел патува во светот и склучува „партнерства за суровини“Фотографија: picture-alliance/dpa

Без интерес за експлоатација на суровини

Долго време за Германија не беше проблем обезбедувањето суровини. Западните земји во голема мера меѓу себе го поделија суровинското богатство на Африка и Азија. Побарувачката не ја надминуваше понудата, на пазарот можеше да се набават суровини и не можеше да се согледа дека тоа било кога ќе се промени.

Довербата во светските пазари беше толку голема, што многу германски фирми постепено се повлекуваа од експлоатацијата на суровини и учеството во правата на експлоатација во другите земји. Големите суровински концерни, како Пројсаг, се трансформираа во мешовити концерни со тежишта врз потрошувачки добра или услуги - од некогашниот концерн за челик и рударство настана туристичкото претпријатие ТУИ. Немаше доволно интерес за задржување на капацитетите за експлоатација на домашни суровини како јаглен и железна руда, оти се’ можеше да се набави поевтино на светскиот пазар.

Metall Kobalt
Фотографија: dapd

Тоа темелно се промени. Од пред неколку години индустријата стенка поради порастот на цените. „Трошоците за железна руда во последните години скокнаа за 200 проценти“, се жали Јирген Гајсингер, шеф на Управниот одбор на „Шефлер“, лиферант за автомобилската индустрија. Лиферантите, во Германија важна бранша, се посебно погодени. „Ние сме во сендвич-позиција: од една страна цените растат, а од друга не можеме секогаш порастот на трошоците да го префрлиме врз муштериите. Тоа е опасност за нашиот опстанок“, вели Гајсингер.

Rohstoffboom
Фотографија: DW

Кај одредени суровини, како ретките метали и минерали, важни за индустријата за електроника, состојбата е уште понапната. Тука не се заканува само пораст на цените, туку и недостиг. Кина во голем дел ја контролира експлоатацијата и строго го регулира извозот, за првенствено да ја снабди сопствената индустрија. Во меѓувреме Германија во врска со суровините зборува за „политика на интереси“, или, како што вели канцеларот Ангела Меркел: „Ние сме во натпревар со држави кои многу стратегиски планираат“.

Нерешителна политика

На таквиот развој Германија досега реагира многу нерешително, сметаат претставници на владата и на индустријата, кои речиси со завист гледаат на земјите кои последните децении не се претворија од производители на суровини, во нивни купувачи. Оти, не се обидува само Кина со многу капитал и државна координација да обезбеди ресурси во Африка, Југоисточна Азија и Јужна Америка, туку и Јапонија и Јужна Кореја уште во шеесетите години на минатиот век формираа државни фирми, кои целно дејствуваа во трговијата со суровини за да обезбедат пристап до нив за својата индустрија - што тогаш беше сосем спротивно на трендот.

Но, има и искра на надеж: северно од Лајпциг започна пробно дупчење со цел да се дојде до единствените досега познати природни резерви од ретки метали и минерали во Европа.