1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Nahost USA

9 декември 2010

Владата на Барак Обама и официјално се откажа од дипломатските настојувања да го придвижи Израел кон запирање на изградбата натамошни еврејски населби на палестинските автономни подрачја.

https://p.dw.com/p/QTWE
Уште подалеку од преговарачката маса: израелскиот премиер Нетанјаху (десно) и претседателот на Палетинците Абас на една од средбите есенваФотографија: picture-alliance/dpa

Администрацијата на Барак Обама очигледно се наоѓа во ќорсокак кога се во прашање блискоисточните мировни преговори. По истекувањето на привремениот мораториум на градењето еврејски населби на палестинските автономни подрачја во септември, американските дипломати вложија големи напори да го придвижат Израел да прогласи нов прекин во траење од барем три месеци. Тоа требаше да создаде услови за повторно придвижување на директните преговори со Палестинците. За возврат САД дури му ветија на Израел голем „пакет за обесштетување“, во кој меѓу другото требаше да влезат и 20 стелт-бомбардери Ф-35 во вредност од 2,3 милијарди долари.

Причини за повлекувањето

Но, сега Американците дојдоа до заклучок дека ваквата тактика не нуди доволно надежи за успех. За сега уште нема официјална изјава од Вашингтон, но портпаролот на Стејт департментот Филип Кроули во вторникот порача дека било заклучено оти тримесечниот мораториум не би бил разумна подлога за продолжување на напорите за постигнување рамковен договор за мир. Американските медиуми цитираат и други анонимни извори од Стејт департментот, според кои напорите за тримесечен мораториум на градење пропаднале. За тоа има три причини:

Washington Friedensgespräche Nahost Obama Netanyahu
Американскиот претседател Обама и израелскиот премиер Нетанјаху на средба во Белата куќаФотографија: AP

Прво, Израел не се сложил со барањето во прекинот на градежните работи да го вклучи и Источен Ерусалим, кого Палестинците сакаат да го прогласат за главен град на идната палестинска држава. Како второ, американските дипломати дошле до заклучок дека периодот од три месеци не е доволен за во мировните преговори да се оствари суштински напредок, што потоа ќе овозможи продолжување на преговорите до конечниот исход. И трето, прашање е дали скапиот пакет за обесштетување на Израел за отстапката со мораториумот навистина вреди тој да трае само три месеци.

Напорите продолжуваат

Тоа не значи дека Американците ги кренале рацете од мировниот процес: „Ќе продолжиме да наоѓаме начини за создавање на таква доверба, што ќе им овозможи на двете страни повторно да преговараат директно“, порача Кроули.

Следната недела во Вашингтон треба да допатуваат претставници на Израелците и Палестинците за да се договорат натамошните чекори. Веројатно тоа ќе донесе враќање кон индиректни преговори, што пак би било удар за угледот на Барак Обама. Тој имено директните мировни преговори ги профилира како негова задача. И за палестинската страна индиректните преговори не се добро решение.

Frieden Nahost Netanjahu Obama
Тоа беа времиња: Нетанјаху и Абас си подаваат рака во присуство на ОбамаФотографија: picture-alliance/dpa

„Не сметам дека има смисла понатаму да се преговара во Вашингтон. Сега се зборува за индиректни преговори, а тоа е како да се прави веридба по свадба. Сметам дека ни треба алтернативен план и дека ПЛО треба веднаш да прогласи независна палестинска држава на окупираните територии од 1967, вклучувајќи го и Источен Ерусалим. Треба де факто да се создаде палестинска држава и потоа да се побара од меѓународната заедница да ја признае“, порача палестинскиот политичар Мустафа Баргути.

„План Б“

Во меѓувреме Палестинците вложуваат засилени напори за што е можно повеќе држави да ја признаат Палестина уште пред завршувањето на мировните преговори. Тоа веќе го сторија Бразил и Аргентина, а Уругвај најави дека ќе се приклучи следниот месец. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас најави дека сега поинтензивно ќе го насочи вниманието кон Европа и посебно кон Турција.

Оваа тактика на Палестинците се потпира врз надежта дека на САД потешко ќе им падне да го блокираат признавањето на нивната држава во Советот за безбедност на ОН доколку претходно ја признаат поголем број други држави членки на ОН. Обама и самиот порача во говорот пред Генералното собрание на Светската организација дека се надева оти до септември 2011 година може да се потпише мировен договор меѓу Израелците и Палестинците. Тогаш би можела суверена Палестина да биде примена во Обединетите нации. Но, за сега од толку посакуваниот мировен договор нема ништо.

Автор: Кристина Бергман/Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски