1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рунда неуспех меѓу Белград и Приштина

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски18 април 2013

И последната, 9. рунда преговори меѓу Србија и Косово во Брисел, не донесе конечен договор. Двете страни сега меѓусебно се обвинуваат за опструкции. ЕУ сепак верува во успех.

https://p.dw.com/p/18IPQ
Фотографија: The Council of the European Union

И српскиот премиер Ивица Дачиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи по состанокот изјавија дека нивната страна била кооперативна и ги прифатила предлозите на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, наспроти другата, која опструирала.

„Како што беше случај и претходно, косовската страна се залагаше за договор и денеска се согласи со предлозите на баронесата Ештон за нормализација на односите меѓу двете држави. Предлозите на Ештон беа јасни и ние ги прифативме без никакви измени, додека Србија, како и претходно, повторно ги одби“, изјави Тачи по маратонскиот состанок кој траеше до доцна во ноќта.

„За доста прашањa се приближивме, но очигледно дека Приштина не е подготвена да оди до крај и ги опструира преговорите, дури и се заканува дека проблемот на северот може да го реши со ’примена на други методи’’, одговори српскиот премиер Дачиќ. Тој ја оцени како некоректна интерпретацијата на Тачи.

„Белград го одби предлогот во кој прашањето за полицијата е условено со членството на Косово во меѓународните организации, за кое ниту сме разговарале, ниту е за нас прифатливо“, рече Дачиќ.

И двете страни се согласни дека до договор, сепак, може да се дојде, иако и на таа тема имаше препукувања.

„Ние сме во 2013 година и не можеме да дојдеме до договор со логика и размислувањето на Воислав Шешељ“, порача Тачи.

Само една спорна точка

По маратонскиот преговарачки ден, во кој Ештон одржуваше одвоени консултации со Белград и Приштина, а во неколку наврати делегациите имаа и тет-а-тет состаноци, шефицата на европската дипломатија сепак најде причина за оптимизам.

EU Kosovo Serbien Thaci in Brüssel
Хашим ТачиФотографија: Reuters

„Минатиот пат реков дека договор е блиску, но дека разликите се мали, но длабоки. Овојпат можам да кажам дека разликите се мали и плитки. Има уште неколку часа до подготовката на мојот извештај кој ќе го претставам пред Советот на министрите во понеделник. Се надевам дека дотогаш двете страни добро ќе размислат и ќе ги преземат неопходните чекори за да се дојде до конечен договор“, рече Ештон.

Според српската страна, преговорите донесле, за нив, далеку поприфатлива понуда за решение на прашањето за надлежностите на српската заедница во Косово. Со неа, локалните Срби би имале свои локални и регионални полициски командири. За Белград, од понудените 15 точки, биле прифатливи сите освен една, со која двете страни се обврзуваат дека нема меѓусебно да се блокираат во меѓународните организации. Според Дачиќ, оваа точка е практично признавање на независноста на Косово, и тој тоа не го прифаќа.

Продолжение на разговорите е можно, но нов термин засега не е закажан.