1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова година, нов залет за спас на еврото

10 јануари 2012

Спокојството на божикните и новогодишните празници заврши. Еврокризата повторно чука на вратите. И политиката веќе е во петта брзина. Во Берлин канцеларката Меркел по средбата со Саркози ја пречекува шефицата на ММФ .

https://p.dw.com/p/13gkK
Кристин Лагард и Ангела МеркелФотографија: dapd

По вчерашниот германско-француски самит, германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин ќе оддржи средба со Генералната директорка на Меѓународниот Монетарен Фонд Кристин Лагард. Главна тема ќе биде европската должничка криза. На разговорите во Берлин ќе стане збор пред се’ за новата закана од банкрот на Грција. Меркел повторно ќе се заложи за останување на земјата во еврозоната и за што поскоро завршување на преговорите меѓу Атина и приватните доверители за отпис на дел од долговите како што впрочем истакна вчера на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Никола Саркози.

Меркел сака итен договор на Грција со приватните кредитори

„Наша намера е ниту една земја да не мора да излезе од еврозоната. Грција е посебен случај и сметам дека вклучувањето на приватните доверители е неопходен предуслов Грција да излезе на вистинскиот пат“, рече канцеларката.

Банки, осигурителни куќи и инвестициски фоднови со недели веќе преговараат со владата во Атина за програмата за замена на обврзниците што има за цел вкупниот грчки државен долг од сегашните 160 насто да го доведе до ниво од околу 120 проценти од бруто домашниот производ.

EU Griechenland Finanzkrise Euro-Krise 1 Euro Münze und 100 Drachmen Geldschein
Грчката криза најголема грижаФотографија: dapd

Покрај тоа на средбата со Лагард, се очекува да стане збор и за т.н данок за финансиски трансакции кој е една од мерките кои се земаат предвид за стабилизација на еврозоната.

На вчерашната средба со претседателот Саркози Меркел најави дека со оглед на отпорот во Европската Унија ваков данок би можел доколку е итно неопходно да се воведе само во 17-те земји членки на еврозоната.

Внатрекоалициски несогласувања

Канцеларката меѓутоа призна дека нејзиниот коалициски партнер во владата , Либералната партија се спротиставува на тоа.

Претседателот на оваа партија и германски вицеканцелар и министер за економија Филип Реслер веднаш го потврди тоа во изјава за весникот „Франкфуртер Рундшау“.

Deutsch-polnischer Wirtschaftsgipfel in Warschau 2011
Филип РеслерФотографија: DW

„Останувам на ставот дека еден таков данок мора да важи за сите земји членки на ЕУ не само за земјите кои го користат еврото. Отфрлам какво било самостојно национално воведување на данок на финансиски трансакции“, изјави Реслер.

Противниците на данокот на финансиски трансакции критикуваат дека поради дополнителните трошоци банките и инвеститорите во еден глобален финансиски свет би се завртеле кон пазари каде не се оданочува.

Според Европската комисија, данок на финансиски трансакции, доколку тој биде воведен во цела ЕУ, би донел 55 милијарди евра годишно. Според предлогот на ЕК, данокот би се вовел од 1 јануари 2014 година. Против плановите на Европската комисија се Велика Британија и Шведска.

Автор:Симе Недевски/БГ/дпа/ртр/дв

Редактор: Борис Георгиевски