1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова војна во Кавказ?

8 август 2008

Грузија започна офанзива за повторно освојување на отцепената република Јужна Осетија. Агенциите јавуваат за жртви, меѓу нив најголем дел цивили. Грузиските претставници ја обвинуваат Русија за агресија

https://p.dw.com/p/Esk8
Борби во Јужна Осетија и ГрузијаФотографија: AP

Конфликтот меѓу Грузија и од неа отцепениот регион Јужна Осетија се заострува. Грузиските сили започнаа офанзива за повторно освојување на Јужна Осетија, а руската авијација според грузиски наводи бомбардирала цели на територија на Грузија. Грузискиот претседател Михаил Сакашвили нареди целосна мобилизација во земјата. и побара од Русија прекин на бомбардирањето.

Има и загинати, најмногу цивили

Борбите инаку започнале утрово, двете страни како што јавува агенцијата Интерфакс, стрелале врз цели со борбени авиони. Има жртви и меѓу цивилите, тврди јужноосетското министерство за здравство. Најпрво Јужна Осетија испратила два авиона кои бомбардирале грузиски позиции. Непосредно потоа пет грузиски авиони започнале со напади во Јужна Осетија.

Телевизиските снимки прикажуваат тешки ракетни напади во регионот. Според грузиските медиуми, двете страни минатите денови во сигурност пренесле илјадиници луѓе, пред се деца, но и натаму голем дел од населението е во опасност.

Во малиот планиски регион во Јужен Кавказ започна нова војна, известува руската државна телевизија „Русија“ утрово. Според непотврдени извештаи, само на страната на Јужна Осетија во главниот град Чинвали загинале најмалку 15 луѓе, најголемиот број од нив цивили. На Јужна Осетија помош и вети Абхазија, која исто така е отцепена од Грузија. Агенциите јавуваат дека илјадници доброволци од Русија и Абхазија им се придружуваат на сепаратистичкте сили во Јужна Осетија. Русија пак ја повика Грузија на разумност.

Грузија тврди дека сака да воспостави ред

Грузија ја оправдува својата постапка со воведување на конституционален ред во земјата. Проруската Јужна Осетија правно и‘ припаѓа на Грузија, но стреми кон меѓународното признавање според примерот на Косово.

Претседателот на Грузија Михаил Сакашвили вчера по неколкунеделните судири одреди прекин на огнот.

Денеска требаше да се одржат разговори за смирување на конфликтот меѓу Грузија и Јужна Осетија. Но, преговорите беа откажани во последен момент. Срдбата меѓу рускиот специјален пратеник во регионот Попов и неговиот грузиски колега Јакобашвили за обновување на преговорите остана без резултат. Јакобашвили на крајот изјави:

„Апсолутно е јасно дека сепаратистичките сили во Чинвали сакаат да го торпедираат преговарачкиот процес. Тие се обидуваат да ја обвинат единствено грузиската страна и провоцираат воени судири, на овој начин се обидуваат да ја задржат својата власт“, изјави грузискиот претставник.

Инаку, конфликтите започнаа откако на почетокот на 90-те години двете области, Јужна Остеија и Абхазија се одделија од Грузија и стремат кон независност. Но, тие меѓународно не се признати и се уште припаѓаат кон Грузија.

Советот за безбедност на ОН се состана на итна седница поради ескалацијата на конфликтот меѓу Грузија и отцепената република Јужна Осетија. Барање за итната седница упати ноќеска Русија. Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин ја обвини Грузија за агресивно однесување кон Јужна Осетија. Советот меѓутоа не можеше да најде заеднички став за спорот.