1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата Ал Каеда е веројатно поопасна отколку старата

Петер Филип6 септември 2006

Таа е понепресметлива и понепрегледна, можеби повеќе е мит, отколку конкретен воен противник и не може да биде победена со конвенционални средства

https://p.dw.com/p/Adxb
Осама бин Ладен
Осама бин ЛаденФотографија: AP

Пред нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагонот во Вашингтон на 11-ти септември 2001-ва година, терористичката мрежа Ал Каеда на Осама бин Ладен одвај да беше позната некому на Западот. Во меѓувреме таа стана поим за зло, слика за непријател од „војната против теророт“ и стереотип на осомничени за тој тероризам, кој одамна дејствува во целиот свет.

„Базата“ што на арапски јазик значи Ал Каеда, во изминатите пет години се промени од темел и се оддалечи од типот на централно насочувана организација со цврсти командни структури, од „пајаковата мрежа“ во чие средиште седат саудискиот мултимилионер Осама бин Ладен и неговиот египетски ментор и мислител Ајман ал-Завахири.

Обајцата одамна ја напуштија мрежата и се сокрија. Најверојатно во пакистанско-авганистанското погранично подрачје, каде пред три години беа бомбардирани од американските трупи и каде очигледно го уживаат гостопримството на пакистанските племиња, против кои ни Пакистан, ниту САД не се решаваат да преземат мерки. Отворена американска интервенција би имала несогледливи последици во Пакистан и во целиот регион.

Бин Ладен и Завахири станаа крајно претпазливи: веќе одамна не комуницираат преку сателитски телефони, а поштенските и парични патишта се компликувани и таинствени, како и патот на видео- или аудио-касетите, со кои водачите на „Каеда“ и натему редовно го „усреќуваат“ светот. Како последната видео-порака, на една недела пред петгодишнината од 11-то септемвриските напади, во која Завахири и еден во тој табор пребеган Американец ги повикуваат Америка и светот да преминат во ислам и со тоа да се обезбедат за денот на кој исламот ќе го преземе владеењето со светот.

Раководството на „Каеда“ отсекогаш се истакнува со микс од политички и религиозни пораки насочени кон Западот. Но, порано од него доаѓаа конкретни наредби за напади: прво во Најроби и Дар-ес-Салам, потоа во Њујорк и Вашингтон, а синџирот на напади продолжи опфаќајќи од југоисточна Азија до западна Европа и од Мароко до Ирак. Само, одамна се чини дека тие дела одат на сметка на групи и сторители што дејствуваат самостојно, на кои веќе не им се потребни директни наредби од бин Ладен, но се идентификуваат со целите поставени од „шеикот“ како што во страхопочитување го нарекуваат неговите приврзеници.

Најбараниот терорист на светот, богат син од добро саудиско семејство, по окупацијата на Авганистан им се приклучи на муџахедините, поддржувани од Саудиска Арабија, САД и Пакистан, кои имаа за цел да ја ослободат земјата од „неверниците“. Во исто време и од исти мотиви и многу други млади милитантни муслимани од различни земји отидоа во Авганистан. Таа интернационална бригада под знамето на пророкот беше основа за подоцнежната терористичка организација.

Младите луѓе беа изложени на интензивна идеолошка обработка од страна на исламски теоретичари, кои најдоа засолниште во места како градот Пешавар во Пакистан. „Божјите борци“ сакаа не само да го ослободат Авганистан, туку таму тренираа и за „ослободителна борба“ во своите татковини, оти ги отфрлаа сите домашни владетели и режими како нелегитимни. Наскоро, меѓутоа, беа поучени од идеолозите дека поголемо зло се оние што ги поддржуваат тие режими и им помагаат да се одржат на власт – САД и Западот.

Верувањето во тие теории им се засили со неуспешните обиди на вратените борци од Авганистан за преврат во Египет и Алжир. Кога, пак, во Авганистан на власт дојдоа Талибанците, фрустрираните борци се вратија таму и отворија први логори за обука на исламисти расположени за борба. Нивна цел се’ помалку беа домашните режими, а се’ повеќе САД, Израел и целиот Запад, кои одамна од Советскиот Сојуз ја презедоа улогата на „неверници“. Ним им се подметнува – во никој случај не и без право – дека исламскиот свет свесно и целно се угнетува, експлоатира и се држи на ниско ниво.

Ваквите слогани наидоа на плодна почва кај милиони обесправени и фрустрирани, па растеше и бројот на приврзеници и воодушевувањето од Осама бин Ладен. Воодушевување во слична форма во исламскиот свет имаше во еден период и за Садам Хусеин, а го има и денес за иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Бацилот на идеологијата на бин Ладен и Завахири го надживеа нивното протерување од Кабул и Кандахар и разбивањето на командната структура на „Каеда“. Наместо тоа, настана нова „Каеда“, како лабав глобален сојуз на слично ориентирани групи и поединечни сторители, кои најчесто немаат никаква меѓусебна врска, кои духовна храна добиваат од проповедниците на омраза, кои уште тренираат во Авганистан или „собираат искуство“ во Ирак. Во интернет учат како се градат бомби и се планираат и спроведуваат напади.

Ново е дека тие сторители не мора мачно и на конспиративен начин да бидат регрутирани и подготвени. Тие честопати дејствуваат од сопствен порив и најчесто не доаѓаат од кругови од кои иследните органи, според своите критериуми на истрагата, претпоставуваат дека се’. Велика Британија, како и случајот со бомбашите од возовите во Германија, покажуваат дека станува збор за лица кои не влегуваат во ниеден истражен шаблон. Како критериуми на загрозување не можат да се земат само незадоволството или фрустрираноста, како ни припадноста кон исламот. Поради тоа, и покрај притисокот врз бин Ладен и Завахири, новата „Каеда“ е веројатно поопасна, отколку старата – таа стана понепресметлива и понепрегледна, во одредена мера можеби одамна е и повеќе мит, отколку конкретен воен противник.

Токму тука секако лежи главниот проблем денес: веќе старата „Каеда“ не можеше да биде победена со конвенционални методи, новата е уште позаштитена против тоа.