1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобило одби спогодба со германското обвинителство за Перковиќ

АМ/миа/танјуг4 јануари 2014

По пресвртот во случајот на некогашниот висок функционер на УДБА Јосип Перковиќ - прво беше уапсен по европска потерница, а потоа ослободен - адвокатот Анте Нобило тврди дека одбил спогодба со германското обвинителство.

https://p.dw.com/p/1AlIS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според адвокатот Нобило, спогодбата понудена од германска страна била - три години затвор за неговиот клиент, доколку признае дека е виновен. Германија го бара Перковиќ (на насловната фотографија) поради сомнеж дека е вмешан во убиството на хрватскиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година, во близина на Минхен.

„Ја одбивме секоја спогодба која имплицира признавање на вакво недело, бидејќи Перковиќ не учествувал во убиството на Ѓурековиќ“, истакна Нобило.

Перковиќ беше уапсен на 1 јануари, неколку часа откако стапи во сила законот за европска потерница, а вчера беше ослободен, бидејќи Жупанскиот суд во Загреб ја прифати жалбата на Нобило. Образложението на жалбата беше дека судијата со ништо не ја образложил одлуката за задржување на Перковиќ во притвор.

Josip Perkovic
Бидејќи се работело за повозрасно лице со здравствени проблеми, Перковиќ бил пуштен од притвор со забрана за напуштање на местото на престојФотографија: picture-alliance/dpa

Тој е ослободен со забрана за напуштање на местото на престој, а портпаролот на судот Крешимир Девчиќ нагласи дека судот проценил дека станува збор за повозрасно лице кое има здравствени проблеми, поради што било посоодветно мерката притвор да се замени со мерки за предупредување.

Се очекува првостепената одлука за екстрадиција на Перковиќ да биде донесена најдоцна в четврток (9.01.2014). На оваа одлука Перковиќ ќе има право на жалба, а неговиот адвокат веќе најави дека во случај на одлука за екстрадирање во Германија ќе се жали до сите надлежни судски инстанци. Нобило верува дека судот би можел да го прифати и другото барање на Перковиќ и да го отфрли неговото екстрадирање.

„Цврсто веруваме дека до екстрадиција не може да дојде, бидејќи за тоа има неколку законски пречки“, оцени адвокатот Нобило.