1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобило: Германија не би испорачала свој разузнавач

Синиша Богданиќ / Елизабета М. Фиданоска9 јануари 2014

Официјален Загреб не ја коментира одлуката на судот за испорака на Јосип Перковиќ на Германија. Адвокатот на Перковиќ, Анто Нобило, во разговор за Дојче веле тврди дека постапката на Берлин е чудна.

https://p.dw.com/p/1Anhc
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Владата не коментира неправосилни пресуди“, порачува Бански двор по одлуката на Жупанискиот суд во Загреб за испорака на бившиот удбаш и човек кој раководеше со хрватската разузнавачка служба Јосип Перковиќ на Германија, која го товари за убиство на хрватскиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година, извршено во Баварија.

Луѓето од власта само во неофицијален разговор велат дека пресудата е доказ за независноста на хрватското правосудство, со оглед на тоа што премиерот Зоран Милановиќ се обидел да стори се‘ што е во негова моќ за да го поништи европскиот налог за апсење за да не дојде до испорака. За тоа кои се причините на Милановиќ нема единствен став ниту меѓу политичките аналитичари, а дури и официјални претставници на СДП признаваат дека оваа шпионска приказна не им е најјасна. „Институциите нека си ја работат работата“, гласи коментарот на опозиционите политичари кои за тоа исто така не сакаат да зборуваат многу.

Без тактизирање

Иднината на Јосип Перковиќ (на насловната фотографија) е неизвесна. Неговиот адвокат Анто Нобило најавува дека ќе ги искористи сите правни средства против испорака и дека ќе се жали и пред Врховниот суд, но и пред Уставниот суд, кој нема пропишан рок во којшто мора да донесе одлука. Нобило во разговор со Дојче веле потенцира дека се надева дека до испорака нема да одјде, без оглед на одлуката на Жупансикиот суд во Загреб. „Сметам дека системот на закони во контекст на европскиот налог за апсење е таков што оневозможува испорака ако Хрватска е правна држава и ги почитува законите“, вели Нобило.

Бранителот на Перковиќ претходно изјави дека доколку дојде до судење во Германија, Перковиќ ќе каже се‘ што знае, давајќи до знаење дека неговиот клиент би можел да открие тајни кои не би им оделе во прилог на други, па дури ни на самата Хрватска. „Зависи. Тоа е повеќе речено во контекст на тоа дека тоа ќе биде конечно судење и дека веќе нема да има тактизирање. Ќе ги употребиме сите правни средства кои ни стојат на располагање за да го ослободиме господин Перковиќ, па макар тоа да е и со откривање на резултатите на нашата истрага за тоа кој навистина го нарачал и извршил ова кривично дело. Последните неколку месеци спроведовме истрага и мислам дека го решивме убиството старо 30 години. Сите факти покажуваат дека првото судење на Крунослав Пратес во Германија не покажа ништо - ниту мотив ниту ланецот на давање наредби, па ни организаторите и непосредниот убиец“, објаснува Нобило за ДВ, кој во една своја поранешна изјава нагласи дека приватната истрага во соседна Србија покажала оти убиството на емигрантот Ѓурековиќ во Баварија било извршено по наредба на српскиот, а спроведено од страна на црногорскиот дел на јусловенската Служба за државна безбедност.

Anto Nobilo Anwalt Zagreb Kroatien Josip Perkovic
Анто НобилоФотографија: picture alliance/PIXSELL

Германија не би испорачала свој разузнавач

Има бројни нагаѓања за причините за обидот да биде спречена испорака на Перковиќ на Германија - од докажување на сувереноста на хрватското судство, преку „врските со Пантовчак“, со оглед на тоа што синот на Перковиќ е советник на претседателот Иво Јосиповиќ, па се‘ до бројните мрачни тајни кои овој разузнавач ги носи од времето на основањето на хрватската држава и соработката со првиот нејзин претседател Фрањо Тиѓман и воениот министер Гојко Шушак.

Festnahme von Josip Perkovic am 1.1.2014
Перковиќ беше уапсен на 1 јануари 2014-таФотографија: STR/AFP/Getty Images

Кога станува збор за хрватските национални интереси, адвокатот Нобило вели дека секоја испорака на врвен разузнавач значи загрозување на интересите на државата. „Не знам за ниту една сериозна држава, па дури ни Германија, која би испорачала свој разузнавач. Ако згреши, Германија веројатно самата би спровела кривична постапка и не би допуштила негова испорака. Така е и со Израел, Велика Британија, СССР, САД...“

Осудувани убијци како агенти на Германија во Хрватска?

Нобило тврди дека ставот на Германија во овој случај е многу чуден. „Сите во Хрватска имаме апсолутно високо мислење за германското правосудство кое ни е пример за многу работи. Меѓутоа, она што се случуваше во случајот Пратес за убиството на Ѓурековиќ не влегува во категоријата чесни судења“, нагласува Нобило и додава дека верува оти станува збор за исклучок во германското правосудство.

Да потсетиме, во текот на судењето на Крунослав Пратес, кого германското правосудство го осуди за убиство на Ѓурековиќ, Перковиќ беше обвинет од страна на Винко Синдичиќ, исто така југословенски разузнавач кој мина 15 години зад решетки поради обид за убиство на хрватскиот емигрант Никола Штедул во 1988 година во Шкотска. Друг важен човек на обвинителството, Боже Вукушиќ, во 1984 година е осуден за поттикнување на убиство на работникот Јусуф Татар, кој на крајот е и убиен, соопшти неодамна Нобило. Вукушиќ одлежал седум години затвор во Германија, а во 1991 година е протеран во Хрватска и е примен во Службата за заштита на уставниот поредок.

„Се‘ додека обвинителите не почнат да ги почитуваат хрватските закони и не почнат да соработуваат со хрватските државни органи, а не агенти да им бидат осудувани убијци во Германија, се разбира дека нема да му веруваме на такво правосудство и во моментов не сме подготвени да им ги предадеме резултатите од својата приватна истрага. Но тоа може брзо да се промени“, заклучува Нобило во разговор за ДВ.