1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловците бараат нов светски поредок

Александар Методијев /афп/ап24 април 2012

Мирот може да се постигне ако светските лидери имаат поголема волја за разговори, а младите се охрабрени да се вклучат во тој процес, порачаа поранешни добитници на Нобеловата награда. Дел се за нов поредок.

https://p.dw.com/p/14jx0
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Поранешниот американски претседател Џими Картер и поранешните претседатели на Советскиот сојуз и на Полска, Михаил Горбачов и Лех Валенса беа меѓу добитниците на Нобеловата награда, кои од вчера во Чикаго го започнаа тридневниот светски самит на лауреатите на Нобеловата награда. Собирот во Чикаго се случува на неколку недели пред одржувањето на НАТО самитот, чиј домаќин е претседателот Барак Обама, исто така добитник на Нобеловата награда, а уште од сега се очекува дека тој самит ќе привлече бројни демонстранти против водењето војни. Обама не учествуваше на вчерашните состаноци на Нобеловците.

Да беше таму ќе ја слушнеше пораката на Картер дека САД имаат одговорност да бидат предводник во напорите за мир и да претставуваат пример за остатокот од светот. Наместо тоа, рече Картер, САД се „премногу склони кон тоа да одат во војна“ и размислуваат повторно да одат во војна, „најверојатно во Иран“. „Човештвото мора да каже дека војната доаѓа последна, а преговорите први“, рече Картер за време на панел дискусијата.

Време за нов поредок

Михаил Горбачов, пак, рече дека е дојдено време за „нов глобален поредок“, којшто мора да биде „постабилен, поправеден и похуман“. Поранешниот претседател на Советскиот сојуз, кој помогна за ставање крај на Студената војна и за отворање на комунистичкиот режим кон демократија, укажа дека владите ги игнорираат обврските преземени кон ОН и своите граѓани и користат „стари трикови“ во корист на личните интереси.

Russland Michael Gorbatschow
Михаил ГорбачовФотографија: AP

Дека на капитализмот не му се пишува добро зборуваше и Лех Валенса, предводник на движење „Солидарност“ и прв посткомунистички претседател на Полска. Тој предупреди на заканата од неодржливите економски разлики.

„Овој капитализам, ако не го подобриме и реформираме, нема да го преживее овој век. Секако дека ќе ја задржиме слободната пазарна економија и приватната сопственост, но не и неправдата каква што сега ја имаме“, рече Лех Валенса додавајќи: „Мораме да најдеме работа за секого. Ако потфрлиме, тогаш тие луѓе ќе започнат револуција“.

Сиромаштијата создава терористи

Поранешниот јужно-африкански претседател Фредерик Вилем де Клерк, кој помогна да се стави крај на апартхејдот, забележа дека сиромаштијата е коренот на мизеријата што води кон социјални немири, конфликти и тероризам.

20 Jahrestag der ersten halbfreien Parlamentswahl
Лех ВаленсаФотографија: DPA

„Од каде дојдоа терористите? Тие дојдоа од земји во кои масите немаат добри животни услови и се поттикнувани од фанатизам во најлоша форма“, рече де Клерк додавајќи дека „тие се ранливи, бидејќи немаат ништо да загубат“.

Добитниците на Нобеловата награда на првиот ден од состаноците во Чикаго заклучија дека сиромаштијата, недостатокот од образование и зголемувањето на вооружувањата претставуваат застрашувачка пречка за мирот во светот. Сите се согласија дека младите луѓе треба да ги прифатат идеалите за мир, кои вклучуваат човекови права, правда и прашања за животната средина, без разлика дали тие се однесуваат на остатокот од светот или, пак, на заедницата во која живеат.

Прашан како да се ангажираат младите луѓе во борбата за социјална правда, Лех Валенса се пошегува: „Ако го знам одговорот на тоа прашање би можел да добијам уште една Нобелова награда“. Но, Џими Картер дополни дека повеќе не се потребни лидери како Валенса, бидејќи секој студент и секој што верува во мирот и ставањето крај на војната може независно тоа да го изрази преку социјалните мрежи и на тој начин да се создаде моќно оружје.