1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за литература за Алис Мунро

Б. Георгиевски/афп10 октомври 2013

Канадската писателка во кариерата има освоено бројни признанија и награди за своите дела, кои најчесто се фокусираат на животот во руралните предели на Онтарио.

https://p.dw.com/p/19xUE
Фотографија: AFP/Getty Images

Алис Мунро, или канадскиот Чехов, како што ја нарекуваат во татковината, е „мајстор на модерниот краток расказ кој се карактеризира со јасност и психолошки реализам“ соопшти Шведскиот Нобелов комитет при соопштувањето на името на годинешниот лауреат. И покрај големиот успех во изминатите четрири децении, 82-годишната писателка остана повлечена и скромна, како и ликовите во нејзините раскази.

Иако ја сметаат за брилијантна, достоинствена и елеганта, Мунро е целосна спротивност на втората голема дама на канадската литература, Маргарет Атвуд.

Родена на 10. јули 1931. година во Вингам, Онтарио таа израснала на село. Нејзиниот татко одгледувал лисици и живина, а мајка и‘ била локален учител. На 11 годишна возраст одлучила дека сака да биде писателка, и никогаш не се откажала од сонот.

„Можеби една од причините што успеав е што немав никаков друг талент“, изјави Мунро во една прилика. „Јас не сум интелектуалка. Бев добра домаќинка, но ништо посебно. Никогаш не се појави нешто друго што би сакала да го правам, па ништо и не се вмеша во моите планови, како што вообичаено нешто се вмешува во животите на другите луѓе“, вели Мунро.

Autorin Alice Munro
Фотографија: AP

Својот прв расказ го напишала во 1950 година, додека студирала книжевност. Нејзините куси раскази често биле објавувани во најпрестижните светски весници и магазини.

Нејзините ликови и нејзиниот стил на пишување, кој се потпира на нарацијата при описот на настаните во нејзините книги, и‘ го донесоа прекарот „канадскиот Чехов“.

Ова е прва Нобелова награда, која е доделена на писател од Канада и прва доделена на писател на куси раскази. Манро е 13-та жена, која досега ја добила Нобеловата награда за книжевност. Наградата изнесува осум милиони шведски круни, односно околу 925 илјади евра. Годинешен фаворит за наградата беше јапонскиот писател Харуки Мураками.