1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата за физика за експертиментите со графен

5 октомври 2010

Научниците со руско потекло Андре Гејм и Константин Новоселов се добитници на годинешната Нобелова награда за физика, за револуционерните експерименти со една форма на јаглен, соопшти Шведската кралска академија

https://p.dw.com/p/PVj0
Лауреатите Андре Гејм и Константин НовоселовФотографија: AP

Гејм и Новоселов се наградени поради „револуционерните експерименти со дводимензионалната материја наречена графен, која претставува тенок слој со ширина на еден атом, а се очекува дека ќе има големо значење во модерната електроника.

Експертиментите со графен би можеле да доведат до развој на нови материјали и производство на иновативна електроника, се наведува во соопштението на академијата.

„Имајќи во предвид дека е практично проѕирен и е добар проводник, графенот е погоден за производство на проѕирни екрани чувствителни на допир, светлечки паноа, а можеби и на соларни келии“, се додава во соопштението.

51-годишниот Гејм е холандски државјанин, а 36-годишниот Новоселов има и британско и руско државјанство. Двајцата се родени во Русија каде и започнале да се занимаваат со физика, а во моментов работат на Универзитетот во Манчестер, во Велика Британија.

Иако графенот е со дебелина колку еден атом, се проценува дека материјата е сто пати посилна од челикот. Новиот материјал, кој се смета за најтенок и најсилен досега откриен, далеку ги надминува сите други познати проводници на топлина. Освен што е употреблив во производството на модерните електронски апарати, се проценува дека графенот во иднина ќе најде место и во производството на сателити, авиони и автомобили, а ќе ги подобри и истражувањата во квантната физика.

Aвтор:БГ/ЖА/афп

Редактор: Симе Недевски