1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо не може да не‘ обесхрабри на патот кон ЕУ

Тони Гламчевски5 февруари 2009

Разговор со македонскиот вицепремиер одговорен за европски прашања, Ивица Боцевски, кој престојува во Стразбур на разговори со европратениците. Главни теми-визната либерализација и датум за преговори за влез во ЕУ.

https://p.dw.com/p/GnZu
Македонскиот вицепремиер Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

Господине Боцевски, кои се причините за Вашето често присуство во Брисел и Стразбур?

Боцевски: Доколку не сте присутни во Брисел и Стразбур, не можете ни да ја водите европската приказна. Македонската европска приказна не се води само од Скопје, туку и во Брисел и Стразбур. Сите наши партнери, и во Европската комисија и во Советот на министри во Европскиот парламент мора да бидат целосно и темелно брифирани и запознати со ситуацијата во Македонија. Европскиот парламент е една од клучните институции каде се крои европската политика и нужно е Македонија да биде колку што e можno поприсутна. Ние во минатото остававме премногу празен простор и потоа се буневме дека некој друг ни е виновен. Секоја точка на европската мапа мора да биде темелно покриена од институциите на Македонија.

На што се однесува Вашето последно доаѓање во Стразбур, дали се работи за визната либерализација или пак конкретно за извештајот на Мејер, што е веќе изгласан во Комисијата за надворешни работи?

Боцевски: Секогаш кога се среќаваме со европските пратеници фокусот е на сите три приоритети кои ги истакнав на почетокот на годината. Првиот приоритет е организацијата на фер избори, со што Македонија ќе ги исчисти политичките критериуми за почеток на преговори за членство во ЕУ. Вториот приоритет е визната либерализација, третиот е целокупната акредитација за употреба на ИПА-фондовите, во тој контекст се сите разговори кои ги водев во Брисел.

ЕУ, поточно Европскиот парламент влегува во предизборен период. Мислите ли дека изборите што претстојат можат да се одразат врз интегративните процеси во ЕУ, дали Македонија оваа година може да добие датум за почеток на преговори, за укинување на визниот режим?

Боцевски: Во однос на укинувањето на визниот режим-2009 ќе биде година за визната либерализација за македонските граѓани. Во однос на датумот за почетокот на преговорите-по она што се случи лани во Букурешт не можеме да дадеме реална оценка бидејќи се гледа дека критериумите се изместени, дека не станува збор за реални нешта кои треба да се постигнат. Не станува збор само за Копенхашките критериуми, туку за едно волунтаристичко однесување на еден од нашите соседи. Од тој аспект се разбира дека изборите за ЕП ќе предизвикаат соодветно внимание и фокусот ќе биде насочен кон нив. Но, тоа не ни дава можност за извинување, ниту комоција да не си ја работиме работата и да не бидеме присутни онаму каде мораме.

Вниманието на Европа во моментов е насочено кон претстојните избори во Македонија, дали постојат конкретни прашања, дали е најавена набљудувачка мисија од европратениците?

Боцевски: Јас го отворам меѓу другото состанокот со темелен брифинг за подготовките за изборите со секој од пратениците. Дента кога претседателот на Собранието ги распиша изборите, тој ги повика сите национални парламенти, набљудувачки мисии да дојдат во Македонија за време на изборите и истите да ги следат. Дали Европскиот парламент ќе испрати своја набљудувачка мисија, останува самиот да одлучи.

Претседателот на Европскиот парламент Петеринг рече дека нема да има ново проширување на ЕУ се‘ додека не биде усвоен Лисабонскиот договор, а тоа не важи за Хрватска. Дали тоа значи обесхрабрување за Македонија?

Боцевски: Ништо не може да ја обесхрабри Македонија на патот кон европските интеграции и нема да дозволиме обесхрабрување. Европа е институција со норми и принципи и токму низ нив Македонија ќе го гради својот европски сон.