1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниските цени во Македонија ги привлекуваат Грците

БГ/миа18 ноември 2013

Грчки медиуми се загрижени затоа што нивните граѓани се‘ почесто ги префрлаат своите компании и ги трошат парите во соседна Македонија.

https://p.dw.com/p/1AJGA
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Речиси 15 илјади жители на северна Грција секој викенд ја посетуваат Гевгелија за да се коцкаат и заради шопинг, што предизвикува голема загриженост кај промоторите и претприемачите во регионот. Ова го пишува економскиот портал „Вориа“, истакнувајќи дека Грците од северниот дел на земјата премногу често ги посетуваат трите казина во близина на границата што „ја турка на коленици локалната економија на пограничните области во северниот дел на Грција“.

Локалните медиуми често пишуваат за Грците кои се забавуваат во казината во Гевгелија и при тоа одморот го поминуваат во Македонија. И „Вориа“ овој пат нагласува дека илјадници Грци секој викенд одат во трите казина, а престојот во Гевгелија го користат и за шопинг, но и за да наполнат бензин, кој во Македонија е поевтин. За грчкиот граничен премин Евзони кон Македонија, секој викенд карактеристични се колони возила после 18 часот. Според податоците од полициската станица на Евзони, од 2009. година наваму, секој петок границата ја поминаваат најмалку пет до шест илјади луѓе, додека во сабота тој број изнесува осум илјади патници.

Посетители на казината во Гевгелија се пред сѐ жители на Кукуш и Солун, а евидентирани се дури и земјоделци од Лариса, кои откако ќе добијат субвенции, веднаш одат да се коцкаат.

Според „Вориа“, северна Грција ја зафаќа „феноменот Македонија“ со многу привлечни цени, што претствува дополнителен товар за економијата на Кукуш, кој е тешко погоден од економската криза. Десетици бензински пумпи се затворени, затоа што не можеле да се натпреваруваат со цените во Македонија, а во исто време, се‘ повеќе мали компании го преместуваат својот бизнис во Македонија. Нова, како што ја нарекува порталот „загрижувачка појава“ е тоа што многу пензионери од Кукуш и околните села ги напуштаат своите домови и изнајмуваат станови во Гевгелија каде плаќаат 100 евра со вклучени струја и греење. Претседателот на стопанската комора на Кукуш, Тоникиди за „Вориа“ изјавил дека грчките претприемачи не се во можност да се натпреваруваат со екстремно ниските цени во соседна Македонија.

Mazedonien Land und Leute Bogorodica
Граничниот премин БогородицаФотографија: Petr Stojanovski

„Карактеристично е тоа што во последните три години над 200 мали и средни претпријатија, главно од индустријата за облека и производство, ја напуштиле областа и се преселиле во Македонија“, информира Тоникиди. Текстовите на оваа тема, секогаш предизвикуваат бурни рекации од читателите, кои коментираат дека „таквите Грци се предавници и наместо парите да ги трошат во својата земја, тие избираат да ги богатат скопјаните“.