1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц ќе донесе нов предлог?

25 јуни 2009

Медијаторот во разговорите за името Метју Нимиц, во Скопје и Атина доаѓа со предлог-решение за спорот околу името. „Нимиц носи предлог“, изјави македонскиот заменик министер за надворешни работи, Зоран Петров.

https://p.dw.com/p/Iaoj
Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

Во телевизиски настап за А2, Зоран Петров не сакаше да открие дали предлогот на Нимиц е компилација од негови стари идеи, вклучувајќи го и името „Република Северна Македонија“: „Беше јасно дека порано или подоцна излезот мора да се бара во оваа формула. Значи да се преговара само за името, или, тоа да го објасниме малку повеќе, за техничкиот аспект на реноминација на нашата држава. Веќе се оди во тие варијанти“.

Заменикот министер за надворешни работи, Зоран Петров е познат во јавноста со критиките дека последниот пакет на Нимиц, од пред седум месеци, е небулоза и дека медијаторот излегува од мандатот на Обединетите нации за да се разговара само околу разликите за името. Зоран Петров синоќа изјави дека Нимиц носи предлог и со тоа практично го демантира премиерот Никола Груевски, кој вчера напладне рече: „Нема ништо дефинитивно, имало само разговори и испитувања на мислењата на едната и на другата страна.“

„Проблемот не треба да се меша со патриотизмот“

Властите во Скопје, но и опозицијата, се внимателни - дали Нимиц ќе успее да ги напушти отворените прашања околу македонскиот идентитет и насловувањето на јазикот. „Националниот идентитет не бил во прашање. Мислам дека таа тема ние повеќе дозволивме да се наметне. Решавањето на овој проблем воопшто не треба да го мешаме со патриотизмот, бидејќи патриотизам, исто така подразбира влез на Македонија во НАТО“, кажа Ден Дончев, потпретседател на новоформираната партија „Обединети за Македонија“, чиј лидер Љубе Бошкоски освои околу 150 илјади гласови на последните претседателски избори и стана репрезентативен политички фактор.

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje
Нимиц на разговори во Скопје минатата година(архива)Фотографија: Dragan Todorovski

Суштински преговори за името што ќе доведат до решение што не смее да го загрози националниот идентитет, изјави синоќа шефот на македонската опозиција. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, во Куманово, со оценка дека дебатата за референдумот за името се случува премногу рано: „Треба да се дојде до таа фаза каде што има некаков компромис или некакво решение што би било ставено на референдумско изјаснување.“

Дијаспората за името

Во битката против каква било промена на името се‘ погласна е македонската дијаспора. Претседателот на Семакедонскиот конгрес, Тодор Петров, вчера ги осуди сите „антагонисти за промена на државното име Македонија“. Тодор Петров, претседател на Семакедонскиот конгрес, оганизација што ги застапува главно интересите на македонското иселеништво, тврди дека е формирано т.н. движење против измена на државното име Република Македонија, во кое се вклучени околу 400 организации и групи од македонската дијаспора.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска