1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц не е поканет во Комисијата за надворешни работи на ЕП

АТ/ миа16 јануари 2014

Од Комисијата за надворешни работи на ЕП демантираат дека во февруари на Комисијата е поканет посредникот на ОН во спорот со името меѓу Македонија и Грција, кaко што претходно објави грчкиот весник „Катимерини“.

https://p.dw.com/p/1Arf2
Фотографија: MIA

Посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, нема да зборува пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во февруари.

Од службата за печат на на Комисијата за надворешни работи велат дека Метју Нимиц не е поканет да зборува за преговорите кои се водат меѓу Скопје и Атина за името, како што тоа го најави грчкиот весник „Катимерини“.

Од Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент истакнуваат дека има обичај да се канат надворешни гости да го кажат нивното мислење пред европратениците за некои прашања, но за состаноците во февруари на Комисијата не е поканет посредникот на ОН во спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Последните средби на медијаторот со преговарачите на двете земји, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис се одржаа во октомври минатата година во Њујорк, но без значаен напредок. Нимиц претходно на маса повторно го ставил предлогот „Горна Република Македонија“.

„Секогаш ги охрабрувам сите кои можат да имаат позитивно влијание врз ова прашање да го направат тоа. Овие преговори се во рамките на ОН и се утврдени со Советот за безбедност и Привремената спогодба. Но, тоа не значи дека други не можат позитивно да придонесат. Затоа ги повикувам сите, од секоја владина организација, позитивно да влијаат со цел процесот да успее“, беше последната изјава на Нимиц.