Нимиц најавил нова средба за името
29 декември 2010Неизвесно е кога таквата средба би се случила, со оглед на тоа што се чека одговор од грчката страна. Посредникот Јолевски, како што информира Милошоски, веќе позитивно одговорил на можноста за таква средба. Прашањето со името е една од темите за кои шефот на македонската дипломатија денеска во Скопје разговара со македонските амбасадори во светот. Во тие рамки, тој најави подготвеност од македонска страна за евентуална скорешна посета на медијаторот Нимиц.
„Нашите амбасадори ќе бидат запознаени со политичката волја во Република Македонија и кај македонската влада за продолжување на интензитетот на македонско-грчкиот дијалог поврзан со спорот наметнат од страна на Република Грција и во тој контекст за охрабрување и зголемен интензитет на активностите на посредникот Метју Нимиц, којшто има мандат од Генералниот секретар на Обединетите Нации. Би сакале господинот Нимиц да го видиме како наш гостин тука, се разбира доколку е тоа возможно, тоа да биде организирано истовремено и од страна на официјална Атина. Цениме дека таков нов импулс може да помогне значително во зголемувањето на динамиката на политичкиот македонско-грчки дијалог поврзан со спорното прашање“, изјави Милошоски.
Шефот на македонската дипломатија изрази очекување дека во текот на унгарското претседателство со ЕУ во првата половина од 2011 година ќе се испочитува препораката на Европската комисија повторно да се разгледа прашањето за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Македонија.
Неофицијално, Нимиц веќе одржал состанок со претставници на престојното унгарско претседателство на кој брифирал за развојот на настаните во македонско-грчкиот спор за името. Не е познат исходот од таквата средба.
Милошоски оцени дека 2010 година на дипломатски план била солидна.
Автор: ЖА/ЕМФ/макфакс/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска