1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Да не се нагласуваат разликите, туку решенијата

5 декември 2011

Двете земји, Македонија и Грција, да ја простудираат одлуката на Меѓународниот суд на правдата, порачува медијаторот од ОН во преговорите за името, Метју Нимиц.

https://p.dw.com/p/13N62
Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

Во писмениот допис медијаторот Метју Нимиц вели дека стои на располагање за преговори. Тој информира дека во изминатите денови имал контакти со двете страни и ги охрабрувал да гледаат конструктивно на пресудата.

„Одлуката на Меѓународниот суд на правдата објавена денеска во однос на Привремената спогодба од 1995 година заслужува внимателно студирање од страна на двете влади. Бев во комуникација со двете влади во изминатите денови и ги охрабрив да гледаат на овој настан како на можност да се размислува конструктивно за нивниот заемен однос и да се размислува за обновена иницијатива за барање дефинитивно решение на прашањето за името“, информира Нимиц.

Порака до Скопје и Атина: да се интензивираат напорите за барање решение

Освен барањето за нови иницијативи за наоѓање решение, Нимиц им укажал на властите во Скопје и Атина дека треба да се гледа нанапред и да се нагласуваат решенијата, наместо разликите.

„Однесувањето кое гледа нанапред и нагласува решенија, наместо разлики, ќе придонесе долготрајното решение да биде возможно. Ги информирав двете страни дека стојам на располагање да работам со нив и препорачав да се интензивираат напорите за наоѓање трајно решение“, забележува медијаторот Метју Нимиц во писмениот допис.

Автор: Александар Методијев

Редактор:Е. Милошевска Фиданоска