1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц ги сфатил позициите на Атина

БГ/миа9 септември 2013

Медијаторот на ОН во спорот меѓу Македонија и Грција по разговорите во Атина изјави дека му се појасни позициите на грчката страна за проблемот. Попладнево продолжува за Скопје.

https://p.dw.com/p/19eBm
Фотографија: Petr Stojanovski

Медијаторот на ОН Метју Нимиц денеска во Атина се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос од кого уште еднаш ги слушна генералните грчки ставови во преговорите. По средбата, Нимиц, информира дека состанокот со Венизелос бил многу конструктивен и оти „јасно ги сфатил позициите на грчката Влада“. Тој нагласи дека Венизелос изнел детални коментари за идеите што медијаторот ги презентираше на двајцата преговарачи во април годинава.

„Тој ми кажа со што се согласува грчката страна, со што не се согласува и каков вид промени се прифатливи за грчката страна. Венизелос беше многу јасен во коментарите“, рече Нимиц и додаде дека сега се’ јасно разбрал.

На прашање на МИА, што мисли - дали властите во Скопје ќе ги прифатат промените што ги бара Атина, медијаторот рече дека прво треба да отиде во Скопје.

„Ова се тешки преговори и сметам дека е многу важно секоја страна целосно да ги сфати ставовите на другата страна и потоа, се надевам ќе се доближиме. За мене е најважно да продолжи дијалогот, и со тоа, се надевам ќе бидеме се поблиску и поблиску до взаемно прифатливо решение“, истакна Нимиц.

На новинарско прашање дали се точни информациите дека неговиот последен предлог е „Горна Република Македонија“, медијаторот рече дека никогаш не открива за какви предлози станува збор. Понекогаш она што е објавено во медиумите е точно, понекогаш не е, истакна Нимиц и повтори дека нема да ги коментира предлозите.

Во врска со евентуална средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, медијаторот на ОН рече дека „во вистинско време и на вистинско место може да има дијалог на многу високо ниво“. Нимиц повтори дека тоа не е негова мисија и оти секој лидер се справува со работите поинаку.