Нимиц во Скопје на разговори за спорот со името
27 јуни 2008Метју Нимиц, посредникот на ОН во грчко- македонскиот спор за името, во Скопје на државниот врв му ги претстави најновите идеи за решавање на спорот. Тој имаше одвоени средби со претседателот Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски.
Нимиц претходно беше во Атина, каде беше охрабрен поради позициите на грчката влада за дел од елементите на можното решение.
Што побрзо формирање влада и затворање на прашањето за името, порача пак Розмари Ди Карло, заменик државен секретар на САД во Скопје.
Разговорите продолжуваат, тие се интензивни, ние сакаме да видиме резултати, изјави Розмари Ди Карло. Спорот може да се реши денеска, може утре, но не смее да се изгуби темпото, зашто Македонија на тој начин би заостанала во евроатлантските асоцијации, изјави политичарката од Вашингтон.
Се‘ поизвесно е дека 9 јули не е рок без алтернатива за влез на Македонија во НАТО. Шефот на македонската влада, Никола Груевски, како да успева да се избори за референдум околу компромисната формула за името, пред конечната разврска на грчко- македонскиот спор.