1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николиќ „против“ називот босански Срби

Драган Максимовиќ / Е.М.Фиданоска25 април 2013

Српскиот претседател Николиќ жали поради злосторствата сторени врз Бошњаците, велејќи дека ќе се поклони пред жртвите на геноцид. Многумина оценуваат дека оваа изјава е резултат на притисокот на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/18NN0
Фотографија: Reuters

Дел од политичарите во Република Српска не сакаат да ги коментираат изјавите на српскиот претседател Томислав Николиќ. Тоа првенствено се однесува на СДС (Српска Демократска Странка), партија која порано му даваше политичка поддршка на Томислав Николиќ: „Ништо не коментираме затоа што не сакаме“, вели Вукота Говедарица од СДС.

Очигледно на одделни политичари им пречи неодамнешната посета на два члена на Претседателството на БиХ на Србија и подобрувањето на односите на Изетбеговиќ и Николиќ. Од друга страна, на Србите во Република Српска очигледно им пречи квалификацијата Босанци, како што ги нарече Николиќ во интервјуто за ТВ БХТ1. Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјавата на Николиќ ја гледа како резултат на вербален притисок на новинарите од Сараево и нагласи дека „секој граѓанин на Република Српска, но и на Србија, ќе заземе став кон она што е речено, иако би било лошо да се отвора јавна полемика“.

СНСД е збунет

Никола Баштинац од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) вели дека изјавата на Николиќ е збунувачка: „Јас би го замолил претседателот на Србија, господинот Николиќ, да не‘ именува онака како што се чувствуваме. Ние сме државјани на Босна и Херцеговина, но се чувствуѕваме како Срби и се изјаснуваме како Срби и според Дејтон имаме право на државјанство на Република Српска.“

Serbien und Bosnien Herzegowina Treffen in Belgrad
Тмислав Николиќ на средба во Белград со членовите на Претседателството на БиХ Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ (23.04.2013)Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Голем дел од политичките партии со српски предзнак останува на ставот дека на просторот на Република Српска не е извршен геноцид. Тоа го тврди и Зоран Ѓериќ од Партијата за демократски прогрес (ПДП): „Во БиХ имаше граѓанска војна и злосторства се извршени над сите три народи. Во никаква варијанта не може да се зборува за некаков геноцид на просторот на БиХ. И геноцидот на просторот на Сребреница треба да се стави под прашалник и да се чека историјата да пресуди за тоа.“

Слободан Поповиќ од Социјалдемократската партија (СДП) на БиХ, од друга страна, е пријатно изненаден од изјавите на Томислав Николиќ, особено од оние кои се однесуваат на босанските Срби: „Легитимно право е некој да каже дека е Србин од БиХ, но ако некој таму те доживува како Босанец, не гледам проблем. Посебно ми е драго што тоа го рече претседателот на Србија.“

Притисок од Брисел

Многумина веруваат дека изјавите на Томислав Николиќ (на фотографијата горе со претседателот на Република Српска Милорад Додик) се резултат на  последните разговори во Брисел и притисокот на меѓународната заедница за нов курс во односите на земјите од регионот. Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот одбор за човекови права во Србија, вели дека изјавите на Николиќ се своевиден новитет: „Колку повеќе комуникација ќе има со Европа и меѓународните претставници, толку неговиот јазик веројатно ќе се прилагодува на формулата којашто од него се очекува. Дали тоа суштински ќе придонесе за промена на неговиот став кон Босна, тоа зависи од тоа како ЕУ, по Косово, ќе ја третира Босна.“

Николиќ е втор претседател на Србија кој се извини за злосторства сторени за време на војната во поранешна Југославија. Пред него тоа го стори Борис Тадиќ во 2007 година, кога упати извинување до сите граѓани на Хрватска поради злосторства сторени во текот на војната.